За шест месеци Берзата со вкупен промет од 95 милиони евра, за 57 отсто повеќе од лани


Доколку се анализираат последните пет години, може да се забележи дека ова е втор најголем вкупен берзански промет по 2018 година, велат од Берзата

 

Вкупниот берзански промет по сите основи во првата половина на 2020 година изнесуваше околу 95 милиони евра, што претставува зголемување од 57 отсто наспроти истиот период лани (61 милиони евра), соопшти денес Македонската берза коментирајќи ги остварувањата на пазарот на капитал во периодот јануари – јуни годинава.

„Доколку се анализираат последните пет години, може да се забележи дека ова е втор најголем вкупен берзански промет по 2018 година“, се вели во анализата.

Истовремено прометот со акции во БЕСТ системот во првата половина од 2020 година изнесува околу 62 милиони евра и е за 124 отсто поголем во однос на истиот период во 2019 година. Анализите покажуваат дека овој промет во класичното тргување е најголем во последните 5 години. Истиот тренд се забележува и кај просечниот дневен број на трансакции којшто во 2020 година е 120, додека просечниот дневен промет во првото полугодие од 2020 година изнесува околу 33 милиони денари, се вели во анализата.

Од 122 дена на тргување во првата половина од оваа година, 73 дена дневниот промет со акции бил над 20 милиони денари, додека 5 дена над 100 милиони денари.

Компаративната регионална анализа покажува дека акцискиот промет на Македонска берза (акциите се главен финансиски инструмент со коишто се тргува и на другите регионални пазари) во првиот семестар од 2020 година се повисоки во однос на берзите во Белград, Софија, Подгорицa, Сараево и во Бања Лука.

Перформансата на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните 10 акции на Македонска берза, забележа значаен нагорен раст во последните 5 години, при што почнувајќи од 2016 година се регистрираат континуирани двоцифрени годишни порасти (16,45% во 2016, 18,92% во 2017, 36,64% во 2018 и 34,01% во 2019 година).

„Тој позитивен тренд на индексот МБИ10, под влијание на случувањата поврзани со вирусот КОВИД-19 и настанатата здравствена и економска криза во тековната 2020 година се промени“, посочуваат од Берзата.

Така, во првата половина од 2020 година генерално сите регионални берзански индекси, исто така, бележат намалување, при што МБИ10 компаративно гледано е со доста помал пад во однос последниот ден на тргување во 2019 година. После нагласената ценовна корекција во март (минус 22,47 отсто), априлската перформанса беше во значаен плус (плус 23,2 отсто), a почнувајќи од 6 мај до крај на полугодието (со исклучок на два трговски дена), се регистрираше извонредно мала осцилаторност на индексот (дневните движења на МБИ10 беа постојано во интервал од плус/минус 1 отсто), се вели во анализата.

Иако во првата половина од 2020 година се забележува надолна корекција на цените на акциите што се елементи на индексот МБИ10, анализата на движењата на поединечните акции од актуелниот состав на индексот во текот на последните 5 години покажува дека има значаен пораст во нивните пазарни цени.

Пазарната капитализација во 2020 година на 100 котирани компании бележи зголемување од 2,04 отссто во однос на првата половина од 2019 година. Пазарната капитализација на котираните компании на 30.06.2020 година во однос на бруто домашниот производ изнесува 25 отссто.

Најтргувани хартии од вредност во првата половина од 2020 година беа акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 26,48 милиони евра, потоа следат акциите издадени од Алкалоид со вкупен промет од околу 13,23 милиони евра и акциите на Макпетрол АД Скопје со вкупен промет од околу 7,64 милиони евра. Учеството на промет остварен во БЕСТ системот на десетте акции во МБИ10 индексот во промет со акции од класично тргување во првата половина на 2020 година изнесува 93 отсто.

Вкупно котираните 100 акционерски друштва во првата половина од 2020 година преку СЕИНет објавиле 1.246 информации во врска со собранија на акционери, одлуки на органите на управување, финансиски извештаи и други ценовно чувствителни информации.

Во првата половина од 2020 година беа објавени и финансиските резултати на котираните компании за првиот квартал од 2020 година.

„Од 100 котирани компании, 58 регистрирале добивка, 38 загуба, додека 3 компании не доставиле финансиски извештај. Вкупната прикажана добивка во првиот квартал 2020 година е намалена за околу 15 отсто споредено со истиот период лани“, велат од Берзата.

Финансиските извештаи за работењето на котираните компании за првата половина од 2020 година, кога ќе може поцелосно да се види влијанието на настанатите состојби предизвикани од КОВИД-19, треба да се објават најдоцна до 31.08.2020 година.

Почнувајќи од јануари 2019 година, покрај обврзниците за денационализација, на Берзата котираат и континуираните државни обврзници. Досега се котирани 153 континуирани обврзници, со вкупна номинална вредност од 1.264.133.063 евра и е остварен промет од 208.929.720 денари преку 99 трансакции. Приносот на обврзниците за денационализација се движи во рамките од 2,22 отсто до 3,33 отсто, додека приносот на континуираните котирани државни обврзници од 2,30 отсто до 3,89 отсто.

Од Берзата исто така велат дека во првата половина од 2020 година со оглед на настанатите околности предизвикани од вирусот КОВИД-19, а со цел да го поттикне користењето на дигиталните продукти и алатки што ги нуди, како и тргувањето од далечина, Берзата ги интензивираше своите активности во овој домен во комуникацијата со брокерите, издавачите и инвеститорите.