За Шахпаска враќањето на работа е логично, родилки и мајки на деца до шест години најавија протест пред Владата

Од следната среда, односно на 23 септември на работа се враќаат родителите на децата до шест години, лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа. Согласно владината одлука на работните позиции од 23 септември се враќаат и хронично болните, со исклучок на лицата, кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист.

Родилки и мајки на деца до шест годишна возраст најавија протест утре пред Владата, против одлуката која ги обврзува да го прекинат продолженото породилно отсуство и да се вратат на работа. Мајките бараат промена на одлуката, односно продолжување на отсуството до крајот на годината, како што претходно препорача Комисијата за инфективни болести.

Реагираа и самохраните родители, кои преку здружението Една може нагласија дека со започнување на вонредната состојба, специфични мерки беа креирани за различни групи, а оваа категорија била изоставена и за нив не биле креирани индивидуализирани пакети на мерки. Голем број самохрани родители останале без работа, дел поради тоа што биле дел од неформалниот пазар на трудот, друг дел, како што наведуваат, ги загубиле работните места поради несензибилност на приватниот сектор и немањето разбирање за оние кои немаат опција за чување на децата.

– Трет дел дури сега ќе ги изгубат работните позиции, овој пат поради тоа што на четвратата седница на Влада на Република Северна Македонија одржана на токму оние кои треба да работат и земаат плата од сите граѓани на републикава, донесоа одлука која се коси со здрав разум: „Сите – читај вклучително и самохраните родители, се враќаат на работа од 23 септември – среда, иако учебната година е претумбана да почнува од октомври 2020 година. Од октомври учебната година физички ќе се одвива само од 8:30 до 10:30 часот, порачуваат од Една може.

За министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска нема ништо спорно во одлуката на Владата. Таа смета дека мерката за отсуство од работа на родителите на деца до шест години и на оние со продолжено породилни отсуство станало беспредметно со отворањето на градинките.

– Со отворањето на градинките мерките за отсуство од работа на родителите и за продолжено породилно отсуство ја изгуби својата смисла, изјави вчера Шахпаска. Таа оцени дека одлуката на Владата за враќање на родителите на децата од нула до шестгодишна возраст во работниот процес од 23 септември е логична и очекувана, со оглед на тоа што градинките и Центрите за ран детски развој од 9 септември се отворени и имаат капацитет да ги примат децата.

Таа соопшти дека анализите што ги има направено Министерството за труд и социјална политика до 2 септември, говорат дека има простор за сместување на 19.000 деца, а интерес за сместување пројавиле 14.555. Во градинките уште на самиот почеток имало слободни 4.500 места. Приоритет за запишување дете во предучилишна установа имаат самохраните родители и оние деца на кои и двајцата родители им се вработени.

Во однос на одлуката на Владата за прекин на продолженото породилно отсуство, министерката Шахпаска оцени дека со отворањето на градинките и оваа мерка ја губи смислата.

– Тие родители ги чуваа своите дечиња затоа што градинките не работеа. Градинките веќе се отворени и затоа на вчерашната владина седница беше донесена одлука родилките кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство да се вратат дома, додаде Шахпаска.

Вчера беше забележан прв случај на дете заразено со коронавирус. Според информациите од Министерството, станува збор за дете кое било згрижено во градинката „13 Ноември“ во општина Центар во Скопје.Детето е на 15-месечна возраст.

Шахпаска вчера информирапе дека детето престојувало во градинката само еден час на 9 септември, а на 14-ти родителите ги известиле вработените во установата дека детето е позитивно на Ковид-19.

Од отворањето на градинките на 9 септември беа пријавени три случаи на позитивни вработени во градински во Скопје, Битола и Свети Николе.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 98 нови случаи на Ковид-19 од направени 1404 тестирања, девет лица се починати, а оздравени се 104 пациенти.

Министерството за здравство вчера информираше дека починале девет лица и тоа, од Крива Паланка (52), двајца од Гостивар (60 и 62), од Куманово (60), од Велес (70), двајца од Скопје (71г и 23г),  двајца од Струмица (29 и 44). Oд нив осум се починати во болнички услови, една пациентка од Струмица при транспорт кон Скопје.

Најмногу од новозаразените се од Скопје-50, Куманово-6, Штип-4, Прилеп-5, Тетово-7, Струга-3, Велес-1, Битола-4, Охрид-2, Гостивар-1, Струмица-9, Крива Паланка-1, Кочани-1, Берово-1, Делчево-2, Кичево-1.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 15.925,  бројката на оздравени пациенти е 13.418, на починати е 661, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.846. Според завршените епидемиолошки анализи во Скопје активни се уште 540, Куманово 195, Тетово 116, Делчево 77, Прилеп 130, Гостивар 92, Кочани 53 и други.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 82 пациенти. На кислородна поддршка се 40 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле хоспитализирани се четири деца и пет мајки позитивни на Ковид-19, три деца и три мајки суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се 33 пациенти. На респираторна машина се двајца пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 16, а во болницата во Штип се хоспитализирани 47 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 149, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Најмногу активни случаи по општини во Скопје има во  Аеродром – 86, потоа во Гази Баба и Карпош по 74, Центар – 72, Чаир – 50, Кисела Вода – 54, Ѓорче Петров – 26, Бутел – 35. Во другите општини има помалку заразени.

Во текот на претходното деноноќие биле регистрирани 600 прекршоци за неносење лична заштита на лице, а МВР повторно со апел до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19.