За седум месеци годинава извозот зголемен за 3,8 отсто, а увозот помал за 7 отсто во однос на лани


Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава, во периодот јануари – јули 2023 година, изнесува 4,9 милијарди евра и бележи пораст од 3,8 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6,4 милијарди евра, што е за 7 отсто помалку од лани. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јули 2023 година, изнесува 1,48 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз е 76, 9 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари – јули 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.