Короната е тука, за седум дена од Ковид-19 починале седуммина

Но не е само ковидот, и сезонскиот грип полека зема замав


Фото: Б. Грданоски

 

Министерството за здравство престана со медиумите да споделува податоци за новозаразени со Ковид-19 и за починати лица од болеста, а на интернет страницата на Институтот за јавно здравје може да се најдат неделни податоци за состојбата со пандемијата.

Во периодот од 14 до 20 ноември од Ковид-19 починале седум лица, три во Скопје и по еден смртен исход во Крушево, Ресен, Дебар и Македонска Каменица. Потврдени се 179 нови случаи на болеста од 2.829 тестирања. 

Најголемиот број од новите ковид случаи – 120 се во Скопје.  Од почетокот на епидемијата со Ковид-19 во Македонија починале 9.588 лица.

Од Комисијата за заразни болести велат дека состојбата со Ковид е смирена, дека на дневно ниво има по околу триесет лабораториски потврдени позитивни случаи на Ковид-19, а дека во болнички услови се лекуваат дваесетина пациенти.

Во Македонија е регистрирано и присуство на грипот. Според последните неделни анализи на Институтот за јавно здравје, пријавени се 15 случаи на грип, односно на заболувања слични на грипот, а во текот на есенва 93 случаи. Во лабораториски услови е потврден еден случај од типот A(H3).

Кај матичните лекари во изминатите месец дена има зголемен број на пациенти кои се жалат на респираторни проблеми – температура, болки во грлото и градите, кивање, кашлање. Проблем е, велат, што не можат со сигурност да кажат дали се работи за корона, грип или некој вид на вироза, бидејќи повеќето пациенти не се тестираат на Ковид-19 иако има слободни термини за закажување. Терапијата за сите пациенти кои немаат потешки симптоми е слична и се избегнува давање на антибиотици.