За СДСМ отфрлањето на кривичната пријава против директорот на АНБ е тенденциозно и политички мотивирано


Фото: Б. Грданоски

Социјалдемократскиот сојуз попладнево оцени дека отфрлањето на кривичната пријава против директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски е несериозно, тенденциозно и политички мотивирано. 

– Денешното отфрлање на кривичните пријави против директорот на АНБ Бојан Христовски во најмала рака е несериозно, тенденциозно и политички мотивирано, особено поради фактот што веќе постојат најмалку четири пресуди од кои една за директорката на Дебарската болница, како и за директорки на две училишта кои признаа дека ТОЕФЛ сертификатот кои го добиле од јазичното студио „Јулија“ биле фалсификувани. Трагично е да се чита соопштението на Јавното обвинителство во кое се обидуваат да го оправдуваат незаконското назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ со образложение дека „не добиле правна помош од Бугарија“. Како е можно истото јавно обвинителство да обезбеди докази во шест други предмети, но не и во случајот за Бојан Христовски?, прашува СДСМ.

Од Јавното обвинителстводенеска информираа дека по целосно спроведена постапка и извршени проверки, донесено е решение за отфрлање на анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за кривични дела фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина.