За Сашо Мијалков 12 години затвор, за Јанкулоска четири
Со изрекувањето на првостепените пресуди заврши процесот за клучниот случај на поранешното Специјално јавно обвинителство во големиот скандал со прислушувањето на илјадници граѓани од страна на поединци во УБК. Двајцата бегалци, Горан Грујевски и Никола Бошковски, добија по 15 години затвор
Слободанка Јовановска
Основниот Кривичен суд Скопје денес ги прогласи за виновни сите обвинети во случајот „Таргет-Тврдина“ за сите поднесени кривични дела. Притоа изрече единствена казна затвор од 12 години за екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков и 4 години затвор за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
За Горан Грујевски судот досуди затвор од вкупно 15 години, за Тони Јакимовски 6 години затвор, а за Никола Бошковски 15 години затвор. Надица Николиќ доби единствена казна затвор од 3 години, а Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исаковски и Валентина Симоновска добија условна осуда со единствена казна затвор од 2 години, ако 5 години не сторат ново кривично дело, освен Симоновска кај која пробациониот период е две години.
Ова беа првостепените пресуди за клучниот случај на поранешното Специјално јавно обвинителство во големиот скандал со прислушувањето на илјадници граѓани од страна на поединци во Управата за безбедност и контраразузнавање, по што Македонија влезе во голема политичка криза.
Исто така, Горан Грујевски, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и Никола Бошковски се задолжуваат солидарно да надоместат 87,6 милиони денари (1,42 милиони евра) за штетата што ѝ е нанесена на државата со уништувањето на системите за следење на комуникациите.
Вкупно 130 оштетени, според изјавата на судијката, побарале отштета за нарушувањето на приватноста од вкупно 20.000 прислушувани. Биле сослушани вкупно 123 сведоци, а судот не прифатил само мал дел од понудените докази на одбраната заради рационалност на процесот.
Судијката која што го водеше процесот, Џенета Бегтовиќ, на крајот од изрекувањето на пресудата даде и коментар за целиот процес.
„Секоја пресуда има порака. Обвинетите покажаа став со ова однесување дека се над законот, а тоа ги урива темелите на правната држава. Функционерите треба да ги почитуваат законите, дадени им се големи овластувања, но од нив се очекува најголем степен на одговорност. Целосно ја уништиле довербата на јавноста во институциите, создавајќи за себе мислење дека се недопирливи. Тоа што Грујевски и Бошковски побегнале покажува дека се виновни. Нема селективна правда, мора да се почитуваат човековите права на граѓаните и мора да владее правото. Обвинетите мора да ја надоместат и направената штета на буџетот на државата. На оштетените им е загарантрано правото на оштета во граѓанска постапка. Пораката е – во иднина кој било функционер на власта не смее да се осмели да стори вакво кривично дело“, рече Бегтовиќ.
Судијката ги образложи и условните казни за петтемина вработени во УБК, велејќи дека во строгата хиерархиска поставеност во УБК тие биле приморани да ги извршуваат наредбите на претпоставените, дури и ако не се согласувале со тоа. Според Бегтовиќ од судењето се дознало дека Грујевски имал насилничко однесување спрема подредените и закани, и дека кај вработените постоел страв и за нив и за нивните семејства.
Обвинителката Ленче Ристовска побара ефективен а не куќен притвор за Мијалков, бидејќи има моќ да организира логистика за бегство и има каде да престојува, поради дозволата за престој во Чешка. Притвор побара и за Тони Јакимовски, Никола Бочковски и Горан Грујевски. Судскиот совет реши да изрече мерка затворски притвор место куќен притвор до правосилноста на пресудата за Мијалков, а најмногу до 60 дена.
Пред презентирањето на пресудата судијата Владимир Туфегџиќ рече дека не се работи за еден случај туку за изграден систем на прислушување и дека не било доволно да се прислушува само политичкиот противник, туку обемот се проширува и на најблиските соработници, така што секој секого прислушува. Целта била да се обезбеди целосна контрола на сите области во државата. Тој рече дека тврдењата на обвинетите дека прислушувањето се правело од надвор не било докажано од одбраната. Ова треба да биде опомена и јасна порака до државните институции дека треба да ги заштитат од вакви злоупотреби.
Во текот на постапката, според него, внимателно биле анализирани наводите на обвинетите, имајќи го предвид фактот дека добиле амнестија, но заклучи дека таа амнестија не е пречка да се донесе пресудата и за тоа ќе има посебно образложение.
Тој најави и независна непристрасна истрага за бегството на Сашо Мијалков за да се отстрани секој сомнеж за влијание на процесот. „Тоа му го должиме на општеството“, рече тој, нагласувајќи дека ако не се направи тоа ќе остане недовебата во судството.

Беше речено, исто така, дека ова е најобемен предмет што го имало досега судството и дека со масовното прислушување потешко се повредени уставните права на приватност, при што најзастапени таргети биле членови на опозицијата, новинари, експерти и деловни луѓе. Бидејќи е најважен предмет на СЈО тој имал приоритет на судот за да добие разрешница, дури и во услови на пандемија.
По изрекувањето на прсудата еден од адвокатите на Мијалков, Љупчо Шврговски, за новинарите изјави дека „казната е драконска. Во судските историја не се памети некој да добие максимална казна за сите кривични дела“. Тој најави дека ќе се жалат и за притворот и за казната. Шврговски тврдеше дека неговиот клиент Сашо Мијалков не учествувал во никакви обиди да се постигне спогодба и дека во оваа фаза тоа и не можело да се направи. И дека не знаел каде бил Мијалков кога 40 часа беше недостапен за органите на прогонот.
Обвинителката Ленче Ристовска изјави дека се задоволни од дел од казните, за дел не. И дека ќе го почекаат официјалното образложение на судот за да ги одредат своите идни чекори во однос на евентуални жалби.
Таа уште спомена дека овој случај спаѓа во случаите кои се судат по брза постпка и повика на расправа во јавноста да се отвори дебата дали треба да се одлучува за притвор за секое поединечно дело или за вкупната казна, затоа што на обвинетите можат да излезат од притвор многу пред да биде донесена одлуката во Апелацискиот суд доколку има жалби.
Предметот „Таргет-Тврдина“ се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.
Судењето за „Таргет–Тврдина“ започна на 22 декември 2017 година. Процесот го водеше судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението беа Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов. Обвинителството во завршните зборови посочи дека и покрај сите пречки со кои се соочувале во истрагата успеале да докажат дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат и побара максимални затворски казни. Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски, во завршните зборови на Обвинителството беа споменати како главни осомничени, а обвинителката Ленче Ристоска двајцата, заедно со поранешната началничка од МВР, Надица Николиќ, ги посочи како создавачи на групата за прислушување и поради тоа побара максимални затворски казни за нив.

Адвокатот на обвинетиот Сашо Мијалков, бранителот Миле Петровски, пак, во завршните зборови истакна дека теоријата на Обвинителството во случајот „Таргет-Тврдина”, против неговиот клиент, е само теорија заснована на недокажани претпоставки. Сличен став имаше и обвинетиот Тони Јакимовски (поранешен шеф на кабинет на директорот на УБК, Сашо Мијалков), кој посочи дека обвинението е неосновано, конфузно и не е поврзано. Тој смета дека дека обвинението не е поткрепено со вистински докази, кои би го потврдиле кривичното дело кое му се става на товар и не може да истрпи елементарна правна критика, а не пак осудителна.

Обвинението е неприфатливо и за обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која во своите завршни зборови пред Судот рече дека совеста ѝ е чиста, како и дека не го сторила делото за кое ја гонат. Таа посочи дека Судот може да ја задоволи правдата само ако донесе ослободителна пресуда за неа. Како што појасни Јанкулоска, теоријата дека помогнала во уништување на опремата за прислушување не е поткрепена со ниеден доказ и, според неа, значајно е да се направи разграничување што се случувало пред да биде изготвено и доставено на потпис решението за формирање на Комисија за ништење на системите за прислушување. И другите обвинети побараа ослободителна пресуда.

Обвинетиот Горан Грујевски е обвинет за кривичните дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Тони Јакимовски за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; Гордана Јанкулоска за „злоупотреба на службената положба и овластување“; Никола Бошковски за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; Сашо Мијалков за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“; Надица Николиќ за „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“; Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски за „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”, а Валентина Симоновска за „фалсификување службена исправа“.
Мијалков е веќе осуден на три години затвор за случајот „Титаник 2“, односно за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.
Гордана Јанкулоска пак, отслужува затворска казна во затворот „Идризово“, во траење од четири години, а осудена е за „злоупотреба на службената положба и овластувања” при набавката на блиндираниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.
Целиот случај е под лупа и на САД и ЕУ. Американската амбасадорка Кејт Брнз изјави дека САД ја следат ситуацијата и она што се случува и имаат информации од Владата. И од ЕУ соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата, но заега нема да даваат коментар.
Фото: Борис Грданоски