За САД Бугарија е „доверлив сојузник“
Американскиот заменик-државен секретар Венди Шерман во телефонски разговор му се заблагодари на бугарскиот премиер Кирил Петков што се однесува како доверлив сојузник на НАТО за време на кризата околу Украина.
„Заменик-секретарот Шерман му се заблагодари на премиерот за улогата на Бугарија како доверлив сојузник на НАТО околу ескалациските акции на Русија кон Украина и разговараше за нашата заедничка посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, стои во соопштението на Стејт департментот.
Пред една недела бугарската влада објави дека земјата ќе ги прифати сојузничките воени сили на своја територија, но ако борбената група на НАТО баталјонот биде под бугарска команда. Министерот за одбрана Стефан Јанев пред два дена објасни дека бугарскиот суверенитет може да се брани со бугарската армија.
Според соопштението, Шерман му честитала на Петков за подготвеноста на ОЕЦД да отвори преговори за пристапување на Бугарија и нагласила дека ја имаат американската поддршка.
Шерман и Петков разговарале и за целите на бугарската влада во справувањето со пандемијата на ковид, како и за диверзификација на бугарскиот енергетски сектор со користење на чисти извори на енергија. Во разговорот се споменало спроведување антикорупциски реформи како врвен приоритет, што ќе биде од корист за бугарскиот народ.
Во соопштението не се наведува дали Шерман и Петков разговарале за бугарско-македонскиот спор.