За Русија историчарите се поопасни од војниците


Руската инвазија на Украина никогаш не беше само обид да се собори владата во Киев или да се освои територија. Тоа беше, исто така, војна против меморијата – суштински колонијален потфат на Владимир Путин, чија цел беше да го избрише украинскиот идентитет и да наметне верзија на историјата одобрена од Кремљ.

За рускиот претседател, потчинувањето на Украина не значеше само пораз на нејзината армија, туку и бришење на националната свест која со векови се спротивставуваше на владеењето на Москва, пишува новинарот Давид Кириченко во анализа за Центарот за европски анализи, што ја премесува српски „Данас“.

Украинците добро разбираат што е во прашање и активно се борат за зачувување и ширење на она што Кремљ сака да биде заборавено, како и за отстранување на симболите на поранешната империјална власт. Така беше по првата инвазија во 2014 година, а уште повеќе по целосниот напад во 2022 година.

Како дел од кампањата за национална декомунизација, стотици споменици на Ленин беа урнати низ целата земја. До 2021 година е отстранет и последниот ваков споменик на јавен простор. Како што паѓаше Ленин, Русија истовремено го оживуваше култот на Јосиф Сталин, подигајќи нови статуи на диктаторот кој го оркестрираше Холодомор – вештачкиот глад во кој загинаа можеби четири милиони Украинци во 1930-тите, додека советската тајна полиција НКВД спроведуваше брутална кампања на национална репресија.

И покрај јавниот презир на Путин кон Ленин (кого го обвинува за „создавање“ на Украина како посебна нација), неговите споменици повторно се појавуваат на териториите окупирани од Русија.

Како што изјави историчарот Серхиј Јекелчик за Економист, овие споменици не се прашање на комунизам, туку на доминација: „Во Украина“, рече тој, „Ленин не го симболизира комунизмот, туку руската контрола“.

И тоа оди подалеку од обичната симболика. Во претходно окупираниот Херсон, историчарите станаа мета. Есента 2022 година, Олексиј Палах, експерт за историјата на 18 век, беше приведен речиси еден месец од руските сили.

„Историчарите се поопасни од војниците“, му рекоа. „Затоа што ги трујат умовите на луѓето“.

Во јули, руските окупациски власти во Луганск отстранија споменик во форма на гранитен крст посветен на жртвите на Холодомор, тврдејќи дека тоа „ги навредува патриотските чувства на жителите“.

Десетици слични споменици, како и маркери посветени на украинските културни дејци егзекутирани од советскиот режим, исто така беа уништени на териториите окупирани од Русија.

Оваа борба за препишување на историјата не е нова. Во раните 2000-ти, Русија се залагаше за „хармонизација“ на учебниците по историја во Русија и Украина – потег што украинските историчари остро го критикуваа како обид да се наметне империјален наратив од Москва.

Референците за настани како што е Холодомор се избришани во учебниците одобрени од Русија, додека украинските национални движења се минимизирани, а Киев е прикажан како провинциски град – во сенката на Москва, претставен како лулка на цивилизацијата.

Џон Всетечка, вонреден професор по историја на Универзитетот „Нова Југоисточна“ во Флорида, објаснува дека „сеќавањето на Холодомор во Украина е силно и продолжува да се пренесува низ генерации, без оглед на временската оддалеченост“.

Тој посочува дека Украинците го зачувале и го оживеале тој спомен со цел „да го потсетат светот што може да се случи кога агресијата не се прекине навреме“. Според него, политиката на сеќавање на холодомор станала сè поприсутна во јавноста во текот на 2000-тите, особено за време на Портокаловата револуција од 2004-2005 година.

„Голодоморот одигра клучна историска улога во актуелната војна меѓу Русија и Украина. Надвор од бојното поле, во многу аспекти, оваа војна се води токму на полето на историскиот наратив“, заклучува Всетечка.

Кристина Хук, вонреден професор на Државниот универзитет Кенесу во Џорџија, истакнува дека „многу Украинци разбираат дека планот на Путин да ја разбие Украина е дел од долгата традиција на ужасно насилство врз нивните аспирации за независност и автономија“.

Таа објаснува дека современото негирање на Холодомор во Русија ги поставило темелите за сегашната кампања на културно и физичко уништување.

„Кога ќе погледнеме наназад, можеме да видиме дека тие горчливи корени на негирањето на украинската автономија над сопствената држава, општество и историски наратив повторно вродија геноцидни плодови“, рече Хук.

На крајот на краиштата, руската надворешна политика станува сè поагресивна и непријателска кон Западот токму по Портокаловата револуција – клучен момент кој го обликуваше демократскиот идентитет на Украина, но и трајно го пренасочи курсот на Кремљ кон национализам, авторитаризам и обновена воена агресија кон соседите, како и отворен конфликт со меѓународниот поредок по Студената војна.

Од тој момент, Путин почна да ги гледа сите демократски движења како директна закана за неговата моќ, постојано предупредувајќи на опасностите од таканаречените „обоени“ (народни) револуции.

Плашејќи се од ширењето на овие движења на „народна моќ“, Путин започна агресивна кампања против демократските бунтови, поставувајќи ја основата за подоцнежните инвазии на Украина, како и пошироката пресметка со либералниот светски поредок.

Денес, кога Путин му кажува на Доналд Трамп дека мора да се решат „корените на конфликтот“ пред да се постигне примирје, човек точно знае што мисли. Тој повикува на целосно уништување на украинската држава и бришење на меморијата на народот. (Пренесено од „Рацин“)