За ракометарите 245.000 евра, за кошаркарите 200.000 евра, за одбојкарите 166.000 евра


Насочени се првите суми од т.н. ваучер систем за поддршка на врвниот спорт во Македонија. Агенцијата за млади и спорт (АМС) вчера ги објави првите национални федерации што ќе користат средства од новата мерка од пилот проектот што го најави македонската Влада. Донесена е во функција на подобрување на нивната работа преку изнаоѓање на партнери за соработка кои ќе користат поволности од законот за ослободување од законот за добивка. Мерката за поттикнување во спортот од сегашните шест милиони евра е со тенденција да прерасне во 10 милиони евра, а најавени се и посебни мерки што ќе бидат насочени кон врвните спортските клубови кои имаат настапи на меѓународен план.

По обработените податоци, направена е детална анализа и одредена е висината на вредноста на ваучерот, па Ракометната федерација на Македонија доби 15.291.540 денари или околу 245.000 евра, Кошаркарската федерација ќе ползува ваучер во вредност од 12.511.000 денари или околу 200.000 евра додека сумата за Одбојкарската федерација е 10.426.000 денари или околу 166.000 евра.

Доделувањето на ваучерите беше вчера попладне во просториите на АМС со учеството на директорот Дарко Каевски, советникот за спорт при Владата, Даниел Димевски и раководителот на секторот спорт при АМС, Томислав Андоновски.

„Ова е всушност повик до сите компании да помогнат во реализација на средствата од спортските ваучери. Благодарност до премиерот на државата, до Управата за јавни приходи, до Министерството за финансии, до советниците за спорт во владата на РСМ, како и до сите членови на посебната комисија при АМС“, изјави Каевски и додаде дека е планиран и караван за мотивирање на приватните сопственици да вложуваат средства во спортот.

Советникот за спорт во Владата, Даниел Димевски додаде дека средствата ќе може да се користат веднаш. Притоа потенцира дека се отворени за соработка со сите спортски институции во делот на изнаоѓање партнери за соработка доколку имаат проблем во тој дел.