За Радев најголемата цел била младите од Бугарија и Македонија да не се мразеле


Претседателот на Португалија, Де Соуза, днеска е во Софија. Тој и Радев разговараа и за блокадата на Македонија

Португалскиот претседател, кој е во посета на Софија, изјави дека историјата на Балканот им е важна не само на земјите на ЕУ, туку и на кандидатите за членство

 

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека неговата земја има најголем интерес за евроинтеграцијата на нејзините соседи, но дека на проширувањето на ЕУ не треба да се гледа механички. 

Одговарајќи на новинарско прашање по разговоротите со португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза, кој е во посета на Софија, Радев рече дека тој процес не бил „спринт во кој треба да завршиме во одредено време, ова е заедничко патување на пријатели во одржлив и неповратен процес“, но најважна задача била да се врати полноправниот дијалог на сите нивоа меѓу Бугарија и Македонија.

Како што објави агенцијата БТА, Радев рекол дека има „цел список на формални услови што треба да се исполнат“, но дека „најголемата цел е младите во двете земји да не се мразат кога ќе се отворат границите едни кон други, да уживаат почит и разбирање. Ова е најголемата цел на која работиме“. Тој ѝ поставил задача на привремената влада да размисли дали е можно да се соберат млади луѓе од обете страни. „Наместо да плаќате мерки едноставно за одржување на туризмот во живот, нека државата им даде пари на оние хотели кои ќе ја покриваат целосната поддршка на децата, студенти од Бугарија и Република Северна Македонија“, сугерира Радев. Овие негови ставоси се дел од размената на мислења што ги имаше со македонскиот претседател Стево Пендаровски за време на заедничкото патување во Рим.

Според Радев тоа е патот кон одржлива и стабилна иднина, вистинско пријателство и почит меѓу луѓето од двете страни на границата, а не пријателство градено врз документи и декларации.

Тој му оддаде посебна благодарност на португалското претседателство за напорите што ги прави за одржување на дијалогот меѓу Софија и Скопје.

Претседателот Де Соуза од своја страна изјави дека Португалија има принципиелен став – го поддржува проширувањето на ЕУ и не сака тоа да биде со предрасуди. „Во однос на Западен Балкан, ние ја знаеме историјата, географијата, знаеме дека прашањето е чувствително, не само за земјите членки на ЕУ, туку и за земјите кои сакаат да ѝ се приклучат“, рече Де Соуза и додаде дека од најголема важноста е отворање на патеки преку кои се надминуваат разликите. Позицијата на Португалија е за постојан дијалог и разбирање, нагласи Де Соуза.