За Радев, Бугарија била принудена да му се приклучи на Тројниот пакт. А потоа да окупира земји
Бугарскиот претседател денеска го нарече голем „морален капитал“ на Бугарија тоа што успеа да ги спаси Евреите што беа нејзини државјани, но не спомна ниту еден збор дека тогашната профашистичка влада ја спроведе депортацијата на 11.343 еврејски граѓани од окупираните територии. Како да не се случило тоа. Румен Радев зборуваше на отворањето на документарната изложба „80 години од спасувањето на бугарските Евреи“.
Според Радев, Бугарија тогаш била принудена да се приклучи на Тројниот пакт затоа што била загрозена од окупација од страна на нацистичка Германија. Но не кажа дека наградата за приклучување на нацистичката оска беше окупирање на тероториите на Вардарска и Егејска Македонија, Тракија и јужна Србија. И за да може да ги задржи тие теоритории мораше да усвои антиеврејско законодавство.
„Спасувањето на бугарските Евреи и денес продолжува да биде пример за моќта на јавната и политичката енергија посветена на праведна кауза. Во нашата историја засекогаш ќе остане државничката лекција на 43-те пратеници од владиното мнозинство во Народното собрание кои го потпишаа писмото на потпретседателот Димитар Пешев, на достојните водачи на Бугарската православна црква, за активниот јавен став на голем број научни и стручни здруженија, на моралната улога на интелектуалната елита останаа верни на традициите на нашиот народ и земја“, рече Радев.
Тој образложи како Бугарија му се приклучила на Тројниот пакт: „Откако преживеа две национални катастрофи, Бугарија правеше сѐ што е можно за да не биде вовлечена во друга војна на стариот континент. И покрај притисокот на нацистичка Германија, нашиот народ го отфрли антисемитизмот и прогонет го бараше патот за дијалог. Меѓутоа, војната и триумфот на нацизмот во Европа одлучија поинаку. Изолирана и загрозена од окупација, Бугарија беше принудена да се приклучи на Тројниот пакт. Изгубената неутралност доведе до усвојување на антиеврејско законодавство“, рече Радев.
Бугарскиот претседател нагласи дека бугарскиот народ и држава имаат „морален капитал“ што „не дозволија ниту еден бугарски Евреин да загине во логорите на смртта или да биде убиен во Бугарија“.