За работата на компанијата „Сајтрокс“ ќе расправа Собранието

Дали нашите безбедносни служби знаеле за работата на компанијата што го произведува софтверскиот систем „Предатор“


 

Откако македонската компанија „Сајтрокс“ беше ставена на црната листа на Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД, за нејзината работа се очекува в петок (21.07) да расправа собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Како што пишува Дојче веле се очекува пратениците на седницата да побараат од АНБ, АР и од МВР, информација за активностите што тие институции ги преземале досега, во врска со наводите за активностите на „Сајтрокс“. Како што најавуваат членови на оваа комисија, одговор особено се очекува од МВР, затоа што кога името на „Сајтрокос“ за првпат се појавило во јавноста во контекст на развивање и продажба на малициозен софтвер, од МВР било најавено дека тие го преземаат расветлувањето на тој случај.

„Сајтрокс“ беше ставена на црната листа заедно со уште три фирми – од Грција, Унгарија и Ирска. Сите четири се санкционирани поради обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот.

„Сајтрокс“, „Сајтрокс холдинг“ од Унгарија и двете фирми „Интелекса“, од кои едната регистрирана во Грција, а другата во Ирска, во изминатиот период беа посочувани како дел од иста групација кои го развивале и продавале малициозниот софтвер „Предатор“, со кој се инфицираат и следат телефонски уреди низ светот.

Веста не е изненадувачка, бидејќи уште во декември 2021 година канадската невладина организација Ситизен лаб – лабораторија на Универзитетот во Торонто, чија работа е фокусирана на откривање дигитална шпионажа, и компанијата Фејсбук објавија податоци за глобален скандал за сајбер шпионирање. Сѐ започна откако „Предатор“ бил пронајден во мобилните телефони на Ајман Нур, опозициски лидер од Египет кој живеел како азилант во Турција и на еден египетски новинар. Тогаш беа посочени седум компании чии услуги биле користени за сајбер-шпионирање, а меѓу нив и македонската „Сајтрокс“, опишана како „сајбер платеник“. Се претпоставуваше дека жртви на следење биле околу 48.000 луѓе во повеќе земји. Фејсбук на својата платформа тогаш ги блокираше седумте спорни компании, меѓу кои и македонската „Сајтрокс“. Како нејзин управител беше наведен Иво Малинковски. Тој е претставник на најмладата генерација на семејството Малинковски, во чија сопственост е „Микеи Интернационал“ (компанија која се рекламира како продавач на воена и полициската опрема, ловечко оружје и муниција и услуги за користење стрелишта), како и внук на сопственикот на винаријата „Камник“.

Но, уште пред Ситизен лаб и Фејсбук да го обелоденат скандалот со малициозниот софтвер, две години претходно – во август 2019 година, екипа на „Форбс“ доби подиректен увид во дел од услугите на компанијата „Интелекса“, поврзана со македонската „Сајтрокс“. За нив говори лично првиот човек на „Интелекса“, Тал Дилијан, кој изјави дека ја спасил македонската „Сајтрокс“ од пропаѓање со инвестиција од пет милиони долари.

Во прилогот на „Форбс“ лично Дилијан пред камера на новинарот му презентираше комбе во кое е сместена опрема вредна девет милиони долари, преку која може да се пресретнат комуникации, да се преземат фајлови од мобилни телефони во радиус од 500 метри, и да се пробијат и апликации како Вотсап и Сигнал.

Ова не е првпат компанија на семјството Малинковски да е предмет на интерес од институции во САД. Домашни извори упатени во развојот на „Микеи“, потсетуваат дека таа компанија уште во 90-тите години на минатиот век била предмет на интерес на повеќе странски служби, меѓу кои и на ФБИ, посебно од аспект на трговија со оружје, воена и полициска опрема и средства за набљудување и прислушување. Наводно, како што пишува Дојче веле, братот на тогашниот сопственик Панче Малинковски, кој живеел во САД, ги договарал зделките, но и посредувал при продажбата, а голем број држави од Балканот се снабдувале со специфично оружје и опрема преку „Микеи“.