За првпат во Македонија извршена операција на мозок со свесен пациент (фото)


За првпат во нашата земја е направена операција на мозок со свесен пациент. Ове денес на Фејсбук го објави Венко Филипче, неврохирург и поранешен министер за здравство, кој го водеше тимот кој ја спроведе операцијата.

„За прв пат во историјата на неврохирургијата во нашата држава, направивме awake brain surgery. Операцијата ја изведовме кај млада пациентка која имаше тумор блиску до центрите за говор и движење на десната рака и нога“, напиша Филипче.

Тој објаснува дека предноста на аwake brain surgery е поради неопходната соработка која хирургот ја има со пациентот додека трае операцијата.

За да се отстрани максимална количина на тумор без да се оштетат центрите за говор и движење хирургот комуницира со пациентот. Мозочното ткиво не содржи рецептори за болка, па самиот тек на операцијата е безболен.

„Кај нашата млада пациентка операцијата помина одлично. Туморот е изваден до максималните можни граници и пациентката се чувствува добро“, нагласи Филипче.

„Им честитам на тимот анестезиолози предводен од д-р Весна Дурнев и упатувам благодарност до колегата д-р Игор Лазиќ од Клиниката за неврохирургија во Белград. Драго ми е што моите млади колеги имаа голем интерес и желба да бидат повторно мој верен тим во операционата сала“, вели Филипче.

(Фото: Фејсбук Венко Филипче)