За првпат проширувањето на ЕУ има еврокомесар само за проширување


 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен формално ја прекина политиката на ЕУ кон соседството во Северна Африка и Блискиот Исток и ги оддели овие земји од тие што аплицираат за членство, т.е. ги подели мандатите на два засебни еврокомесари. Критичарите велат со тој потег таа  ризикува да ги продолжи „двојните стандарди“ на ЕУ. Но, претставници на Комисијата, исто така, велат дека тоа ќе ѝ овозможи на ЕУ повторно да ги преземе уздите како веродостоен актер во Медитеранот.

Веќе две децении, блокот ги координираше своите партнерства со соседните земји од една извршна власт управувана од еден европски комесар. Но, новиот тим што го постави Фон дер Лајен во вторникот наутро има комесар за проширување одговорен за источното соседство, Словенката Марта Кос и уште еден комесар за Медитеранот со надзор над јужното соседство, Хрватската Дубравка Шуица. Фон дер Лајен рече дека поделбата е потребна за да му се овозможи на шефот за проширување целосно да се фокусира на интеграцијата на земјите кандидати во блокот, што се смета за геополитички императив во услови на руска агресија во Украина. 

„Тоа стана толку огромно портфолио што се покажа дека немаме доволно отпечаток на теренот“, рече висок функционер на Комисијата, кој сакаше да остане анонимен. „Десет години по арапската пролет за жал се вративме таму каде што бевме порано. Истовремено, прекинавме многу работа во Медитеранот“, додаде функционерот. „Улогата на Шуица ќе биде да ги ревитализира тие односи“.

Официјалниот претставник додаде дека односите на ЕУ со Турција, медитеранските земји и  земјите-кандидат за ЕУ – ќе ги засилат и двете, и проширувањето и односите со Медитеранот. Но, критичарите велат дека овој потег го консолидира неодамнешниот хаос во надворешната политика на ЕУ заснована на вредности.

„Кога ќе ги погледнете пораките на Фон дер Лајен, за вредностите на човековите права и демократијата – кои се во сржта на надворешната политика на ЕУ – тие се за земјите кандидати. Но, јасно е дека целите за соработка со медитеранските земји се различни“, изјави Хусеин Бауми, офицер за надворешна политика за застапување на Амнести интернешнал.

„Во случајот на јужното соседство, станува збор за контроли на миграцијата, енергетска соработка, во основа обезбедување на медитеранските земји да се усогласат со стратешките цели на ЕУ“, додаде Бауми. „Тоа го консолидира ставот дека вредностите на демократијата и човековите права се таму за некои, но не и за други“.

Шуица, членка на владејачката партија во Хрватска ХДЗ и блиска соработничка на премиерот Андреј Пленковиќ – долгогодишен сојузник на Фон дер Лајен и член на нејзиното политичко семејство од десниот центар – доби задача да ги „оперативизира надворешните аспекти“ на миграциската политика на ЕУ, вклучително и со постигнување „сеопфатни партнерства“ со партнерите во регионот, следејќи го планот на неодамнешните договори за управување со  миграција со Тунис, Египет, Мавританија и Либан. Според договорите, ЕУ вбризгува готовина во економиите на земјите во замена за обврски за сузбивање на мрежите за криумчарење мигранти и намалување на бројот на мигранти кои тргнуваат на опасното патување со брод до јужниот брег на ЕУ.

Договорот со Тунис, склучен во јули 2023 година, придонесе за голем пад од 60 отсто на нередовните пристигнувања со брод во Италија во првите осум месеци од оваа година во споредба со истиот период минатата година. Моделот добива на сила и интерес кај земјите-членки на ЕУ, особено кога зголемената популарност на десничарските, антимиграциски партии го влечат миграциското прашање во срцето на националната политика. Но, бранителите на човекови права остро го критикуваа недостатокот на акции поврзани со финансирањето, велејќи дека извршната власт на ЕУ замижува пред документираните злоупотреби на мигрантите од страна на земјите партнери, како што е случајот со Тунис. Инвестициските програми на ЕУ во земјите кандидати, како што е Западен Балкан, од друга страна зависат од реформите што тие ги спроведуваат, а се поврзани со зајакнување на демократијата и доброто владеење.

Во очекување на парламентарното сослушување и гласање, Шуица, исто така, ќе има задача да подготви нова „Стратегија на ЕУ за Блискиот Исток со поглед на денот по војната во Газа“, во соработка со назначениот врвен дипломат, Каја Калас. Неколку извори со знаење за препирките за моќ во извршната власт, изјавија за Еуроњуз дека постои загриженост оти Фон дер Лајен има за цел да ја заостри сопствената контрола врз политиката на блокот кон Блискиот Исток по заминувањето на највисокиот дипломат Жозеп Борел, и дека резултат на тоа е назначувањето на Шуица, нејзиниот лојален сојузник, на овој ресор ќе ѝ го дозволи тоа. Се смета дека Борел ги поместил границите на својот мандат за да изврши дипломатски притисок врз Израел да ги исполни своите меѓународни обврски во војната во Газа.

Фон дер Лајен, заедно со еврокомесарот Оливер Вархеи, беа жестоко критикувани за, како што многумина оценуваат, цврсто про-израелски став. Шуица сега ќе ја наследи командата на Вархеи за финансирањето од ЕУ на палестинската управа, која според писмото на мисијата на Фон дер Лајен ќе биде „закотвено во реформите“, помагајќи да се „поплочи патот за решение со две држави“. Таа, исто така, доби задача да работи заедно со меѓународната заедница на планот за реконструкција на Газа.

Исто така, меѓу барањата на фон дер Лајен е и „стратешкиот план за комуникација“ дизајниран да ја промовира улогата на ЕУ во нејзиното јужно соседство и да ги менаџира „ наративите против ЕУ“. Се смета дека репутацијата на ЕУ на Блискиот Исток и поширокиот глобален Југ дополнително опадна откако избувна војната во Газа со нападот на Хамас врз Израел пред речиси една година. Фон дер Лајен беше жестоко критикувана за нејзиното колебливост да зборува за бројот на загинати во Газа – кој моментално изнесува над 41.000 – и нејзиниот неуспех да преземе одмазднички мерки кога комесарот Вархеји еднострано објави дека „сите плаќања“ на Палестинците веднаш ќе бидат суспендирани. како одговор на нападите на Хамас.

„Комисијата е јасно свесна за зголемените анти-ЕУ расположенија во регионот и зближувањето кон одредени земји кои се сметаат за геополитички конкуренти на ЕУ, како што се Кина, Русија“, рече Бауми од Амнести интернешенел.

„ Тоа открива дисонанца“, додаде тој. „Не можете да имате стратешки комуникации со кои  убедувате дека ЕУ е пријател – сè додека ги поддржувате владите што ги угнетуваат или крајбрежната стража ги враќа луѓето да умираат на море“, оцени тој. (Еуроњуз).