За првпат после 10 години во Битола нема училиште со блокирана сметка


Училиштата во Битола сега може целосно да му се посветат на образовниот процес

Општинската власт, во која мнозинство има СДСМ, за три години врати долгови од 4,4 милиони евра

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – За првпат после 10 години Советот на Општина Битола гласаше за училишта без блокирани сметки. Градоначалничката Наташа Петровска за неполни три години успеа да врати речиси 4,4 милиони евра долг наследен во основните и средните училишта од бившата власт предводена од Владимир Талески.

Дури десет од вкупно осумнаесет основни и средни училишта во општината беа со години со блокирани сметки. Можеби тоа беше причината што никој од опозициските советници од ВМРО-ДПМНЕ не зборуваше на последната седница на Совет, ами буквално ја премолчеа и на крај пак гласаа против завршните сметки.

Претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски, смета дека најважната работа е тоа што се одблокираа сметките во училиштата, вратени се со милиони евра и овозможени се нормални услови за функционирање на школите.

„Направени се огромен број инвестиции во инфраструктурата на училиштата, потрошените над 220.000 евра само од општинскиот буџет, обезбедени се илјадници евра од различни донации. Подготовката за санирање на голем број школски дворови се само потврда дека образованието зазеде добар курс, а опозицијата буквално замолчи пред аргументите кои ги доби како материјали“, рече Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ остави со години неплатени сметки за струја, за вода, канализација и ѓубре. Едно од училиштата беше со долгови од 250.000 евра, друго со 180.000 евра, трето со 120.000, а неколку со долгови од околу 100.000 евра. Средното Економско училиште седум години трошело струја на вересија.

„Да беа претпријатија одамна ќе беа пуштени под стечај и ликвидирани. Или, едноставно кажано, училишта ќе немавме. Директорите беа принудени наместо за научно-образовниот процес да се грижат за комунално-санитарните проблеми, кои не се нивна должност и нивна професија. Инфраструктурно ужасот беше насекаде, искршени врати и прозорци, уништени спортски сали, расипани прозорци и покриви, распаднати фасади и уништен инвентар. Во зима и скратени часови поради студените радијатори, а да не зборуваме за прескапиот превоз како синоним за криминалното владеење“, рече Груевски.

Сега како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ во Битола пред почетокот на новата учебна година предложи со пари од буџетот на општината да се набават електронски помагала за 11 илјади ученици во основните и средните училишта во Битола за следење на онлајн наставата во услови на пандемија.

„Мислам дека ние како локална самоуправа можеме да обезбедиме електронски помагала за учениците од основните и средните училиште. Зборувам за 7.600 ученици од основните училишта и 3.500 ученици од средните училишта. Едно електронско помагало не би чинело повеќе од 4.000 денари, колку што е еден таблет од реномиран производител. Потребни се околу 44,5 милиони денари за сите 11 илјади ученици. Од каде овие средства? Имавме предвидено 4 милиони денари за рефундирање на средства кои што учениците ги потрошиле за превоз, имавме 4 милиони денари предвидено за субвенционирање на превозници, имаме 8 милиони денари предвидено за култура. Има уште многу ставки во буџетот на Општина Битола, средства кои би можеле да се искористат“, предложи Иванчо Тошевски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Советниците од власта пак, возвратија дека ВМРО ДПМНЕ треба да има доблест да им се извини на граѓаните за финансискиот колапс во кој го доведоа битолското образование, а не да тераат популизам.

„Не смее да се заборави она што му се случуваше на битолското образование во периодот до 2017 година. Во истиот период во Струмица, Куманово, Тетово, Прилеп, Штип, Скопје, немаше ниту едно блокирано училиште. Овие се факти добро познати и многупати кажани, но мислам дека треба да се повторуваат за секој граѓанин низ бројки да знае што се случуваше во тој период. Со тие милиони евра што се одблокирани училишта можеа да се направат многу работи. Вие колеги од ВМРО-ДПМНЕ сте најмалку повикани да зборувате за образование и сега од позиција на опозиција да бидете креативни и да давате идеи како да се справиме со пандемијата. Многу добро ќе се справевме доколку години наназад се враќаа долговите, а не сега да се покрива финансискиот колапс на училиштата. Треба да имате доблест и да го признаете тоа и да се извините пред граѓаните“, рече Емилија Костурска од СДСМ.

Владата на општина Битола ѝ додели над 2,5 милиони евра за надминување на финансиските проблеми со блокираните сметки во битолските училишта.