За прв пат во историјата затворени делови од Националниот парк Крка, водата однесе мост


По силните дождови Хрватска се бори да ги задржи реките во нивните корита, но тие се излеваат и прават проблеми. Излеани се реките Крка, Добра, Корана, Мрежница, на делови Сава и огромни количини вода носат и во Босна и Херцеговина каде дополнително прават проблеми.

Јавната установа Национален парк Крка извести дека поради високиот водостој на Крка, дел од националниот парк за првпат е затворен за посетители. Дел од пешачките патеки се поплавени, па додека водата не се повлече не може да се посетат Скрадинска Бук и Рошка Шлап, а не се организираат и пловидби со чамци. Останатите делови на Националниот парк се отворени за посетители.

Поради обилните дождови во последните денови, во некои делови од земјата се борат со жестоки поплави. Вчера беше најтешко во Задарската жупанија. Се очекува пристигнување на голем воден бран од Словенијаа,  кулминацијата ќе биде утре.

Откако за само 24 часа наврнаа 250 литри на метар квадратен, нивото на водата на реката Зрмања во Обровац вчераутро достигна историски 302 сантиметри, што е дури 39 сантиметри над највисокиот водостој на Зрмања измерен во тој град. Водата се излеа на улиците и се проби во историскиот центар. Тешка е ситуацијата и во Грачац. Денеска најкритично е во Хрватска Костајница каде е прогласена вонредна состојба, а Уна расте од час во час.

Метеоролозите и Хрватски води  најавуваат дека ситуацијата ќе биде уште потешка – следуваат уште многу дождови, а водостојот на речиси сите реки во Хрватска ќе се зголеми.

Водата го однела мостот во Доња Стубица
Обилниот дожд создава големи проблеми и на северот на Хрватска. Водата го однела пешачкиот дрвен мост што беше поставен во Вукшинац во Доња Стубица, на градилиштето на новиот мост.

Карловац, исто така се подготвува за излевање на реките и поплави. Војската е на помош. Пакуваат песок во вреќи и градат насипи.

Водостојот на Уна во Хрватска Костајница е 456 сантиметри
Реката Уна во Хрватска Костајница достигна 456 сантиметри. Поплавени се градски улици и куќи, затворен е патот кон Палатата. Хрватската горска служба за спасување им помага на граѓаните, сите служби се на терен, се градат насипи.