За продадената зелка од 5 април до 5 мај земјоделците ќе добијат по три денари за килограм 


Владата на денешната седница ја донесе интервентната мерка за стабилизирање на пазарот со зелка од домашно производство. Корисници на мерката се земјоделски стопанства кои имаат засадени површини со зелка, а оствареното производство го имаат продадено кај регистриран откупувач, запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, финансиската поддршка од три денари по килограм ќе се исплати за количини продадени од 5 април до 5 мај 2020 година.

-Со оваа интервентна мерка ќе се стабилизира пазарот на зелка кој во месец април беше дестабилизаран поради намалување на побарувачката и откупната цена, како последица од вонредната состојба предизвикана од коронавирусот, наведува МЗШВ.

Воедно информира и дека на денешната седница Владата ја усвои Програмата за изменување на Програмата за финансирање на активностите во тутунското производство за 2020 година со што се овозможува префрлање на 110.000.000 денари од Програмата за финансирање на активностите во тутунското производство за 2020 година во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година. Со средствата кои се пренаменети ќе се изврши исплата на заостанатите обврски кон земјоделците.