За Предлог – буџетот за 2024 година поднесени се 272 амандмани, 250 се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата


Претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Бојан Стојаноски на прес-конференција информира дека од денеска почнува разгледувањето на амандмани за Буџетот за 2024-та година во матичното тело. Тој соопшти дека вкупно се поднесени 272 амандмани, од кои 250 се од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за овој Предлог – буџет поднесе 250 амандмани преку кои сакаме да интервенираме и да поправиме нешто што сеуште може да се поправи. Во досегашната дебата колегите од СДСМ не ја прифаќаат реалноста за состојбите во Македонија. Јавниот долг е алармантно висок и на историско највисоко ниво, а економскиот раст ни е далеку под просекот наспроти земјите од регионот. Ова мора да се промени час поскоро, а тоа Ви ветуваме дека ќе се случи по изборите во мај, идната година, рече Стојаноски.

Потенцира дека на денешиот прв ден од амандманската расправа ќе се разгледаат повеќе амандмани од кои ги издвои амандманите кои се однесуваат на намалување на ДДВ за електричната енергија, огревно дрво, храната, но и намалување на акцизата за горивата.

-Сведоци сме дека во изминатите неколку години, цената кај овие категории е драстично покачена, речиси и 50 отсто наспроти периодот пред пандемијата. Во исчекување сме на ново покачување на цената на струјата од партизираната Регулаторна комисија за енергетика и токму затоа бараме државата повторно да го намали ДДВ-то од 18 отсто на 5 отсто со цел да им се помогне на сите домаќинства. Дополнително, огромен дел од домаќинствата се загреваат на дрва, а знаеме дека во текот на изминатите две зими цената на дрвото драстично се покачи, а беа забележани случаи и на измамени пензионери. На дрва се грее најчесто посиромашниот слој на граѓани и токму затоа бараме намалување на ДДВ за купување на кубик дрво од 18 отсто на 5 отсто со што ќе дојде до поевтинување од над 10 отсто, рече пратеникот Стојаноски.