За последните десет години Хрватска загуби 10 отсто од населението

Според резултатите од пописот Хрватска сега има 3,88 милиони жители


Од пописот на населението во Хрватска

 

Хрватска има 3.888.529 жители, 1.480.423 домаќинства и 2.350.444 станови. Ова е новата слика на земјата според пописот од 2021 година, што во петокот го објави директорката на Централниот завод за статистика, Лидија Брковиќ. Според овие податоци, за десет години од последниот попис, тој во 2011 година, Хрватска загубила 396.360 жители или 9,5 отсто од населението, рече Брковиќ. Имено, во 2011 година во Хрватска живееле 4.284.889 луѓе.

Освен што во последните десет години од Хрватска се иселиле голем број жители, негативен е и природниот прираст во последните десет години. Дури 141.707 луѓе починале повеќе отколку што биле родени. Поразителeн е и миграцискиот биланс, разликата во бројот на имигранти и емигранти. Речиси 112.000 повеќе луѓе емигрирале од Хрватска отколку што имигрирале во Хрватска.

Славонија е област со најголем пад на населението. Според објавените податоци, во четири словенски жупании за десет години бројот на жители се намалил за цели 122.000.

Од 126 хрватски градови, само девет – Дуго Село, Света Недеља, Крк, Новаља, Биоград на Мору, Солин, Стари Град, Супетар и Лудбрег – забележаа пораст на населението во последната деценија. Таму има многу мали зголемувања.

Населението го загубија сите поголеми градски центри, а најмногу настрада Риека, која денес има 20.000 жители или речиси 16 отсто помалку отколку во 2011 година, а бројот на жители паднал од 128.624 на 108.622. Сега Хрватска има само три града со повеќе од 100.000 жители – Загреб, Сплит и Риека.

Осиек, како четврти по големина град во Хрватска, за прв пат падна под 100.000 жители (има 96.848, а имаше 108.048), а Сплит денес има 161.312 жители, за 17.000 помалку од 2011 година.