Никола Груевски е најголем македонски градител по Филип Втори, вели поранешниот пратеник Крсто Јовановски
Колоритниот и елоквентен поранешен пратеник, Крсто Јовановски, вечерва изјави дека „Никола Груевски е нашиот најголем градител после Филип Втори Македонски. Зборувам како држава“. Во интервју за емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов, Јовановски зборуваше што се случувало во Собранието на драматичниот 27 април и тврдеше дека 90 отсто од пратениците не знаеле што ќе се случи, иако многу работи се чувствувале во воздухот.
Јовановски рече дека имал информации оти Груевски (заедно со Александар Николоски) бил во Виена на 27 април на разговори со европски политичари за смирување на ситуацијата во Македонија и за формирање на поширока коалиција со опозицијата, но поради крвавите настани од тоа не испаднало ништо.
Според Јовановски, „дојдовме во ситуација ние како ВМРО да си ги напаѓаме нашите луѓе, нашите кадри. Сите се откажавме од се она што ВМРО го направи за тие десет години. Се прават фракции. Излага човек од опозицијата на говорница и вели дека некој од СДСМ купува куќа, а тој самиот купува стан. Каде живееме ние? Ни ја навредуваат интелигенцијата“.
На прашањето на Ефтов кого го гледа како иден лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Јовановски одговори: „Никола Попоски. Тоа е политичар од европски маштаб“.