За половина од новозаразените не се знае изворот


Фото: Б. Грданоски

Не е познат изворот на зараза кај речиси половина од заразени случаи последнава недела, откако корона вирусот зеде нов замав во земјава, јавува Канал 5.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, 46 отсто од заразените во последните седум дена, немале контакт со заразен, а потврден случај. Или, од вкупно 356 заразени, колку што се евидентирани со статистички податоци во Институтот за јавно здравје, само за 192 случаи е потврдено дека имале контакт со заразен, а за 164 случаи нема ваква потврда.

– Надворешните околности за зараза се различни, па може да останат непознати, затоа, кога пренесот на заразата не е само локален, мора да се воведат мерки кои треба да се почитуваат, вели епидемиологот Даниловски, за Канал 5.

Бројот на заразени од Ковид-19 деновиве галопирачки расте. Ширењето на коронавирусот, според здравствените власти е дирекна последица од непочитувањето на мерките. Миењето раце, дистанцата и носењето на маски остануваат главните препораки.