За поголем економски развој на Западен Балкан потребна е меѓусебна поддршка и соработка


 

Со заедничка соработка и меѓусебна поддршка Западен Балкан ќе постигне поголем економски развој, што ќе го доближи регионот до Европската Унија, беше истакнато на денешниот Балкански економски форум што се одржа во Скопје.

Перспективите и политиките на економскиот развој на регионот беа главните теми на форумот.

-За добра иднина потребна ни е соработка, заедништво. Иднината ќе биде светла ако се движиме сложно. Последните три години докажавме дека имаме волја за соработка заради бенефит на сите граѓани, особено во кризи како сега. Влегуваме во нова фаза на економски раст во регионот, нашата посветеност се темели на заеднички интерес, а тоа е зголемување на атрактивноста на регионот за инвестиции, бидејќи регионот има голем потенцијал, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според него, форумот е одлична можност за поттикнување на заеднички економски развој на Западен Балкан.

 

Претседателот на Одборот на директори на Балканскиот економиски форум Сашо Ќосев рече дека на регионот му е потребна меѓусебна економска поддршка.

– Сакаме на некој начин да го размрдаме Балканот, да создадеме една поинаква енергија и услови за прогрес, разбирање и поддршка, нешто што сметаме дека на регионот му е потребно и ќе го донесе во една следна повисока фаза на развој и благосостојба на граѓаните, потенцира Ќосев.

Според потпретседателката на Европската Комисија за демократија и демографија Дубравка Шуица, која се обрати онлајн, овој настан е прилика за заедничка анализа на импактите на демографските промени кои ќе дадат придонес при креирањето на политиките.

-Конференцијата испорача конкретни предлози, ова е добар начин да се истакнат различни препораки пред да се презентираат клучни решенија, рече Шуица.

Еврокомесарот задолжен за проширување Оливер Вархеи, кој имаше видео обраќање, оцени дека економските форуми претставуваат начин за заеднички економски развој на Западен Балкан кој ќе го приближи регионот до Европската Унија.

-Солидарноста и поддршката на Западен Балкан ја видовме при соочувањето со последиците од Руско-украинската војна особено кога станува збор за импактот врз енергетските ресурси. Може да сметате на нашата поддршка и посветеност и сигурен сум дека од овој форум ќе произлезат многу нови бизнис идеи за регионот, порача Вархеи.

На форумот се обратија и австрискиот амбасадор Георг Вуцас и други економски експерти.