За почнување бизнис во Македонија се потребни 203 долари, во Србија речиси двојно помалку, во Словенија 0, но има еден услов


Проектот „Дуинг бизнис“ на Светска банка, меѓу другото, покажува колку средства се неопходни за почнување бизнис во земјите кои што се опфатени во извештајот. Порталот BusinessFinancing.co.uk ги претвори овие бројки во долари, а резултатите за Европа покажуваат големи разлики во трошоците.
Така, за да се основа компанија, во Македонија трошоците се 203,12 долари, во Србија речиси двојно помалку, или 113 долари, во Бугарија 75,22 долари, а во Словенија не се плаќа надомест за започнување бизнис, но потребно е на сметката на фирмата да има 9.168 долари (7.500 евра).
Во Европа, најскапо е почнувањето бизнис во Италија – таму трошоците изнесуваат дури 4.708 долари, а нешто поповолно е во Австрија (2.494 долари), Белгија 2.420 долари, и во Холандија 2.207 долари. Во светот, пак, најскапо е почнувањето бизнис во Обединетите Арапски Емирати – таму треба да се „избројат“ 7.443 долари.

Во Европа, 12 земји имаат трошоци за почнување бизнис кои што се под 100 долари, но и 11 каде што тие трошоци се над 1.000 долари, иако станува збор за земји каде што просечната плата е над 2.000 долари. Ова е речиси незабележливо во земји како Норвешка или Швајцарија, каде месечната плата е околу 5.500 американски долари и е четирикратно поголема од потребните надоместоци за почнување бизнис, но не е толку прифатливо во Италија, каде што трошоците за започнување бизнис (4.895 долари) се двојно повисоки од просечната плата која што изнесува 2.403 долари.

Во Македонија трошоците за почнување бизнис, според овој сооднос, се релативно поволни (52 отсто од просечната плата), во Србија се 24 отсто, а во Албанија се 172 отсто…

Во групата од 12 земји со надоместоци помали од 100 американски долари, покрај Словенија со нула долари (со неопходниот услов од 9.168 долари на деловната сметка), се и Обединетото Кралство кое е едно од најевтините места за започнување бизнис, каде се плаќа такса од 12 фунти (17 долари) при регистрирањето. Ниски се трошоците и во Украина (12,39 долари), во Белорусија (18,18 долари), но и во Хрватска (27,59 долари), Ерменија (29 долари) Романија (38 долари), Косово (49 долари)…
Започнувањето на нов бизнис е најмалку достапно во Конго, каде надоместоците од 1.232 американски долари изнесуваат 2.554 проценти од просечниот месечен приход. Сличен, иако не толку драстичен, јаз постои во Централноафриканската Република, Чад и Мали, како и во Хаити, Јемен и Сирија.
Суринам има малку повисоки плати во Јужна Америка, но повисоките надоместоци ги ставаат новооснованите компании во слична позиција.
Во Казахстан, пак, потребни се само два проценти од просечниот месечен приход (12 долари, наспроти 531 американски долари) за започнување бизнис.