За почист воздух и помалку пожари, повисоки субвенции за чистење оџак


Градот Скопје и годинава ќе го субвенционира чистењето на оџаците на домаќинствата како една од мерките за почист воздух, но и за намалување на опасноста од појава на пожари. Градските власти веќе го објавија јавниот повик во кој нудат повисока субвенција за сите кои ќе ги исчистат оџаците. Граѓаните и фирмите годинава ќе можат да си надоместат дел од трошоците за чистење на оџаците, најмногу до 1.200 денари, за разлика од претходно кога субвенцијата беше 1.000 денари. Во 2018 и 2019 година беа доделени вкупно 634 субвенции.

Субвенциите важат и за исчистени оџаци од почетокот на годинава,  јавниот повик трае заклучно до крајот на ноември и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно додека не се потрошат предвидените средства од Буџетот.

„Целта на овој проект што Град Скопје го реализира континурано е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички ПМ10 и ПМ2,5. Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување на подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, појава на саѓи и трошоците за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците, информираат од Градот Скопје.