За починатото момче во Пена, осомничена дека го нападнала 17-годишна девојка


Во четвртокот, во 14 часот во СВР Тетово бил извршен службен разговор со 17-годишна малолетничка од тетовско Рогле. Таа се сомничи дека со тврд предмет го нападнала 16-годишниот малолетник од село Ново Село, Општина Желино, кој вчера во 7.10 часот беше пронајден починат во водите на река Пена на патот кон место викано „Бањиче“ во Тетово.

Исто така, во врска со настанот, во присуство на родител, претставник од Центар за социјални работи, адвокат и медицинско лице бил извршен разговор и со 17-годишен малолетник од Тетово.

Малолетничката била задржана во полициска станица, додека малолетникот бил ослободен. По документирање на случајот од страна на судија во претходна постапка во Основен суд Тетово, на малолетничката ѝ била определена мерка притвор во траење од 30 дена и била спроведена во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката притвор.

Од обвинителството велат дека сѐ уште работаат на случајот во однос на прибирање на материјални докази, кои можат да помогант во истрагата.

„Девојката е приведена оти е поврзана со случајот, но затоа што се работи за малолетно лице што не наполнило 18 години, треба да бидеме претпазливи во однос на информациите, но во текот на денот од ЈОРМ Скопје ќе дадат малку поконкренти информации поврзани со случајот“, соопштија од Јавното обивнителство Тетово.

Вчера наутро беше пронајдено мртво, 16- годишното момче од Ново село, во водите на реката Пена, во пределот кој води кон рекреативното место Бањиче, Општина Желино .

Потрагата по 16-годишното момче , траела 7 часа, а во неа беа вклучени тетовските пожарникари, полициски службеници и семејството на настраданиот.