За петмина членови на групата од Грчец притвор од 30 дена
Петмина од шесте уапсени во вчерашната акција на МВР за разбивање на криминална група од скопското село Грчец добија 30-дневен притвор, соопштија денеска од Судот.
На еден од осомничените, пак, му се определени мерки за претпазливост, односно одземен му е пасошот и одредена му е забрана да го напушта живеалиштето, со обврска да се пријавува во суд.
Осомничените, како што информираат од Кривичен, во Судот биле спроведени во текот на измината ноќ и биле изведени пред судии на претходна постапка кои одлучувале по предлозите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство.
„Прифатен е предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција и на Ш.Б., Ф.Б., Н.И., Ф.С., и С.А. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека за О.П. го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост, односно одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, забрана за напуштање живеалиште односно престојувалиште и обврска за јавување во суд“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.
Судот го прифатил предлогот и им определил притвор и на останатите 10 лица опфатени со истрагата, а кои во моментов не се достапни на органите на прогонот. Притворот што им е определен ќе почне да се извршува откако ќе бидат пронајдени и лишени од слобода.
Инаку, за исходот на полициската акција во Грчец вчера попладне, по нејзиното завршување на прес-конференција, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека станува збор за една од можеби најзначајните истраги која финиширала со целосно разбивање на криминалните групи кои повеќе од 30 години дејствувале на територијата на главниот град на државата.
Според Спасовски, 16-те лица опфатени во истрагата се осомничени за трговија со дрога, убиства и обиди за убиства, а едно од нив во рамките на акцијата е уапсено во Шпанија.
Сите, како што информираше министерот, биле членови на меѓународна организирана криминална група, која ја предводел Ш.М. од селото Грчец, заедно со веќе починатите О.Б. и Ј.К. во периодот од декември 2019 до март 2021 година, за што, како што рече, се обезбедени докази.
Во овој период групата организирала транспорт на 435 килограми кокаин од Бразил во земјава, која била запленета во белгиското пристаниште Антверпен.