За пет јавни обвинители се поведени дисциплински постапки, еден си поднел оставка


Фото: Б. Грданоски

Оваа година биле отворени дисциплински постапки против пет јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето, рече државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната онлајн средба со новинарите. Еден обвинител од ОЈО Скопје, кај кого било утврдено нестручно работење, поднел оставка која ја констатирал Советот на јавни обвинители.

Јовески рече дека е донесен Правилник за следење на квалитетот на работењето на јавните обвинители и нивното оценување, со што ќе се подобрува квалитетот на работењето. „Ќе се оценува работата на секој обвинител посебно, квантитативно и квалитативно“, рече Јовески.

На брифингот Јовески посочи дека  2020 година е тешка година за сите, исполнета и со многу предизвици за јавните обвинители. И во услови на пандемија, рече тој, со поинаква организација на работата, Обвинителството обезбеди непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи.

„Во оваа година обвинителствата постапуваа против над 25.000 полнолетни сторители на кривични дела. Само за време на вонредната состојба беа поведени и се завршени постапки против 3.500 лица за непостапување според здравствените прописи“, истакна Јовески.

Тој изјави дека истрагата за предметот „Империја“ е во тек и дека постапката се наоѓа во фаза на вештачење.

„Постапката за овој предмет е во фаза на вештачење, а се преземаат и други дејствија. Очекуваме во некое рационално време да биде изготвено мислење од вештите лица“, истакна Јовески.

Случајот „Империја“  го отвори СЈО, а меѓу осомничените е и бизнисменот Јордан Камчев. Истрагата за овој случај сега ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.