За пет години секој четврти вработен во Хрватска би можел да биде странец


„Во следните пет години бројот на странци во Хрватска би можел да достигне половина милион, а во подолг период бројот на странци може да има тенденција да расте“, прогнозира главниот економист на ХУП, Хрвоје Стојиќ, во Дневникот на ХРТ, пренесе СЕЕБиз.

Тој додаде дека за пет или повеќе години секој четврти вработен може да биде странец.

Според него проблемот на Хрватска не е бројот на невработени, бидејќи ако се вработат преку ноќ, стапката на вработеност повторно ќе биде меѓу најниските во ЕУ.

„Ако Хрватска сака да расте, мора да има поголемо учество на пазарот на трудот и стапката на вработеност да биде поголема. Мораме да вработуваме луѓе во дејности со поголема додадена вредност, како што е ИТ индустријата и сето тоа што го имаме како конкурентна предност“, нагласи тој.

Тој додава дека во Хрватска има флексибилност за вработување и дека тоа треба да се поддржи, пишува ХРТ.

Што се однесува до странската работна сила, од една страна земјата се соочува со неповолни демографски движења, а од друга страна се соочува со иселување.