За откажаните туристички аранжмани во Грција ќе се издаваат ваучери во траење од 18 месеци


За откажани туристички аранжмани или туристички пакети во периодот од 25 февруари до 30 септември 2020 година, туристичките компании во Грција, наместо да им ги вратат парите на клиентите, ќе можат да им издадат 18-месечен ваучер, предвидува законски акт од Министерството за туризам на Грција за справување со последиците од пандемијата на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Одредбата се однесува и на договорите на туристички компании со физички лица и на договори меѓу две компании, а истото важи и за откажано бродско или авионско патување

-Доколку, по откажувањето, туристичката компанија е должна да му го врати на клиентот износот платен од клиентот како аванс, гаранција, делумно или вкупно или во било која друга форма за извршување на договорот, туристичката компанија може, отстапувајќи од важечките одредби на договорот или законот, наместо враќање на парите, да му понуди на клиентот, чек во еднаква вредност во траење од 18 месеци од денот на издавањето, пишува во издадениот законски акт.

Со заедничка одлука на министрите за финансии и туризам на Грција, вклучена во конкретниот законски акт, предвидена е и економска помош за туристичките објекти кои поради јавниот интерес останаа отворени додека е во тек пандемијата.