За Османи договорот за рентирање на автомобилите е „рамковен“, ќе се користат и домашните


Министерскиот  годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје ќе биде најголем настан во државава, и по димензии и по суштина, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, на брифинг со новинарите во СЦ „Борис Трајковски”, каде привршуваат подготовките за преадаптација на просторот.

Според него, на состанокот ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ, а  вкупно во делегациите се очекуваат околу илјада гости од САД, Велика Британија, Русија, од земји членки на ЕУ, на НАТО, од Азија и од Медитеранот.

Османи не кажа повторно колку ќе чини настанот освен дека имаат „некоја идеја“ и дека ќе не чини помалку од вообичаените 5 до 8 милиони евра што ги трошеле останатите земји председавачи на ОБСЕ (целиот трошок практично го плаќа Македонија). Тој најави дека министрите ќе ги возат 200 војници на АРМ кои поминале специјален курс за тоа, а за обвинувањата дека прескапо ќе ги плати рентираните возила се правдаше дека за тоа какви треба да бидат – утврдено стандарди на ОБСЕ, од бројот па до типот и марката.

Според Османи, договорот за рентирање е рамковен, поточно прво ќе се користат автиомобилите со кои располагаме во државата, а тоа што ќе фали ќе се обезбеди од рентакар агенцијата, патем единствената што се јавила на објавената јавна набавка, иако според Османи сите биле контактирани. Според него, цената ја утврдила агенцијата а не МНР, а други не се јавиле бидејќи, како што претпоставуваше, немаат толку автомобили или треба да ги донесат од друга држава. Тој договорот со агенцијата го нарече „резервен план“, бидејќи за секој министер секој дел од денот од почетокот до крајот на министерскиот совет треба да има обезбедено возило според стандардите на ОБСЕ. Објаснувајќи дека договорот бил испитан од Бирото за јавни набавки тој пораче дека е постапено „најдомаќински, според стандардите на Организацијата“.

„Ние не сме навикнати на настани од ваква димензија. Ова е друго ниво“,  рече Османи, нагласувајќи дека станува збор за најголем настан што ќе биде организиран досега во нашата држава.

Според него, вообичаено овој настан го следат стотина светски новински агенции. За да го илустрира обемот на задачата тој нагласи дека се ангажирани сите безбедносни служби во државата, од Дирекцијата за заштита и спасување, МВР до Министерството за одбрана. Заради состанокот ќе се организира и чартер лет од Брисел  бидејќи ден претходно дел од министрите што не патуваат со специјален авион ќе бидат на состанок во НАТО.  

 Зборуувајќи за состојбата во ОБСЕ  Османи рече дека  е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти. Во криза е, додаде тој, зашто на ниско ниво е довербата на земјите членки по агресијата врз Украина.

-Првпат нема претседавач за 2024, а треба две години однапред да се одреди. Поделени се земјите по ова прашање, рече Османи и очекува одлуката да се донесе токму во Скопје. Исто така, организацијата се соочува и со проблемот дека не е одобрен буџет на ОБСЕ. Одлуката за иднина на ОБСЕ , како што рече, очекува да биде токму во оваа сала и дека собирот е можност за дијалог на министрите на најголемите земји во светот да комуницираат за прашања за регионот на ОБСЕ. Скопје, рече, ќе биде центар на светот. (С.Ј.)