За опозицијата кредитот од Унгарија е економско предавство

„Овој заем е удар за домашните компании, нивно исфрлање од економската орбита на оваа влада. Ова е удар врз македонските бизниси“, рече Фатмир Битиќи од СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 

Пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието со 65 гласа „за“ денес дадоа виза задолжувањето на Македонија во износ од 500 милиони евра кај унгарската Експорт-импорт банка и покрај укажувањата на опозицијата дека овој кредит ќе го подигне јавниот долг до опасно ниво од 68 отсто од домашниот бруто производ, како и дека со себе носи скриени трошоци и нејасни критериуми.

Пратеникот Фатмир Битиќи, отиде и чекор понатаму, велејќи дека задолжувањето од Унгарија е економско предавство, и претставува удар врз домашните компании.

„Државата се доведува во ситуација со пари на граѓаните евентуално да финансираат странски фирми, наместо домашните. Овој заем е удар за домашните компании, нивно исфрлање од економската орбита на оваа Влада. Ова е удар врз трудот на македонските бизниси, економско предавство на татковината“, рече Битиќи во општата расправа за Предлог-законoт за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај унгарската Експорт-импорт банка.

За донесување на законот за задолжување по договорот за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, по скратена постапка гласаа 65 пратеници додека против беа 15.

Предлог-законот дојде на пленарна седница откако на матичната Комисија за финансирање и буџет, која ја води Сања Лукаревска од опозициската СДСМ, одби да го стави на дневен ред. Интересно е што предлог законот пред пратениците не го „бранеше“ министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, иако станува збор за еден од поголемите кредити со кој се задолжува земјата, туку тоа му беше препуштено на заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски. Образложувајќи го предлог-законот за задолжување тој рече дека основното начело е обезбедување финансиски средства за буџетско финансирање и финансирање на општи цели во согласност со важечките закони, а со воспоставување на посебна економска соработка со Унгарија.

„Целта на обезбедувањето на заемот од унгарската Експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност е да ѝ се помогне на земјата да има одржлива надворешна финансиска состојба истовремено поттикнувајќи ги економските прилагодувања и структурните реформи“, рече Јанкуловски.

Вкупниот износ на заемот изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Македонија ќе ѝ плаќа на унгарската банка провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на унгарската  банка. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.

„Тука сакам да потенцирам дека по изгласувањето на законот и потпишување на указот од страна на претседателката планираме веднаш да се потпише овој договор и провизиите по овој основ да не се плаќаат“, рече заменик-министерот за финансии Јанкуловски.

И покрај важноста на задолжувањето, расправата по предлог законот иако жестока, беше кратка и во неа учествуваа само неколку пратеници од опозицициската СДСМ и од владејачката ВМРО–ДПМНЕ, со само неколку реплики.

Битиќи од името на СДСМ рече дена заемите, како овој, кои доаѓаат од ексим банки, независно дали тоа е од Унгарија или од друга земја, наметнуваат и услов, парите да се користат за фирми кои доаѓаат од матичната земја.

„Но, каде е овој услов во образложението, во предлог-законот за задолжувањето или во самиот договор? Зошто никој јасно не кажува дека средствата можеби ќе одат директно за одредени унгарски компании, а не за поддршка на македонскиот бизнис!? Зошто македонските компании не се споменуваат?“, праша Битиќи во своето обраќање.

Тој посочи дека во предлог-законот како примарна цел се наведува унапредување на постојаната и воспоставување на посебна економска врска со Унгарија, а никаде не се споменува најавуваната директна поддршка за македонската економија.

„Никаде, апсолутно никаде, не се споменува тоа што премиерот го најавуваше – 250 милиони евра директна поддршка за македонската економија под истите услови што се споменуваат за заемот, 3,25 проценти камата, три години грејс период и 12 години рок на отплата, или вкупно 15 години. Ако ова беше толку голем успех за македонската економија, зошто нема ни еден збор за тоа во официјалното образложение? Наместо тоа, се наведува една генерализирана цел за ‘унапредување на економската соработка со Унгарија’, што не кажува ништо конкретно за тоа како и на кој начин овој заем ќе ја поддржи македонската економија. Ова создава сериозни сомнежи за вистинските намери зад ова задолжување и за тоа како средствата ќе бидат распределени“, рече Битиќи.

Според него, опасностите кои ова задолжување ги носи за јавниот долг се големи, а создавањето на долгорочни обврски може да доведат до повисоки даноци и кратења во јавните услуги.

„Ова ново задолжување од 500 милиони евра директно ја загрозува макроекономската стабилност на државата и дополнително ќе го оптовари јавниот долг, кој веќе се движи на опасни нивоа. Како што кажав при ребалансот на буџетот, кога некои 400 милиони евра од овие пари беа сокриени, со додавање на овие средства, јавниот долг ќе надмине 68 отсто, а ако продолжат со истата пракса на редовно задолжување, ќе достигне дури 75% од БДП, што ќе претставува алармантна граница за економска криза, а кон која Владата има очигледна намера да нѐ доближи. Ова не само што ќе го ограничи просторот за идни фискални политики, туку ќе создаде долгорочни обврски кои ќе мораат да се финансираат преку повисоки даноци или кратења во јавните услуги“, рече Битиќи.

Тој предупреди дека преку вакви заеми се ризикува државата да падне во замка на економска и политичка манипулација.

„Ова е типична стратегија на авторитарни држави кои користат финансиски средства за да поттикнат долгови и да наметнат политички и економски услови, како што сме виделе во многу други земји. Недостигот на транспарентност околу условите на овој заем, заедно со неговата геополитичка природа, укажува на намери кои не се само економски, туку и политички мотивирани, ставајќи ја државата во директна зависност од надворешни актери со ерозивни агенди“, рече Битиќи.

Во реплика на Битиќи, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски рече дека „по дебаклот на последните избори СДСМ тотално го загуби правецот на делување“.

Според Петрушевски, срамота за еден поранешен вицепремиер за економски прашања е да излегува на говорница и да критикува за задолжување, пред сѐ поради тоа што претходната влада го удвоила јавниот долг од 4,7 милијарди евра на 8,9 милијарди евра.

„Срамота е што затоа што ова задолжување од 500 милиони евра е предвидено во буџетот кој што предложи и го донесе претходното мнозинство, 500 милиони евра стојат како финансирање во нивниот буџет. Да се зборува за тајност за едно задолжување кое што беше најавено уште во предизборниот период, за едно задолжување за кое што се дебатира со месеци е смешно“, рече Петрушевски.

Тој посочи дека ова задолжување е далеку поевтино од сите претходни задолжувања, додавајќи дека претходната влада само од јануари до јуни 2024 година, односно за само шест месеци направила вкупни трошоци за камати во Буџетот од 182 милиони евра, а во истиот период во 2023 година биле 108 милиони евра, а во 2022 биле 83 милиони евра.

Бране Петрушевски

Во одговор Битиќи рече дека Петрушевски заборава дека јавниот долг се оценува во однос на БДП, а не во апсолутен износ, додавајќи дека претходната влада оставила јавен долг кој е на ниво од 58 отсто од БДП, а сегашната за само три месеци ќе го крене на 68 отсто од БДП.

Во дискусијата по предлог-законот пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, рече дека треба да се објасни која е реалната суштина за која овој заем ќе служи.

„Економијата е една од клучните теми за која СДС беше катастрофално поразена. Транспарентно е донесен бидејќи е усвоен на влада и сега ќе се усвои во сСобранието“, кажа Стојаноск, додавајќи дека заемот доминантно ќе биде искористен за две цели. „Прво за финансирање на инфраструктурни проекти во општините во износ од 250 милиони евра, а второ за финансирање на евтини кредити кон стопанството од 250 милиони евра“, рече Стојаноски.

Тој нагласи дека општините ќе добијат 250 милиони евра за инфраструктурни проекти.

Бојан Стојановски

Во реплика на неговата дискусија, пратеникот и експремиер Димитар Ковачевски рече дека додека Стојаноски беше претседател на Комисијата за финансирање и буџет во претходниот состав на Собранието, бил еден од најголемите кочничари на законите кои ги предлагаше владата, споменувајќи притоа повеќе заеми од меѓународните финансиски институции наменети за поддршка на македонската економија. Ковачевски го „пецна“ и претседателот на Собранието Африм Гаши за тоа што на дневен ред го стави законот за задолжување кај унгарската банка, а тоа не го прави со законот за бранителите. (М.Ј.)