За новото СЈО по 1.5 милион евра годишно


Власта прифати четири од дваесетината амандмани на ВМРО-ДПМНЕ во првиот ден од собраниската расправа за предложениот закон за обвинителство. Социјалдемократите и ДУИ се согласија од буџетот да се одвојуваат по 0,4 отсто од средствата за новото Обвинителство за гонење криминал и висока корупција, односно за редовното обвинителство. Годишниот буџет е околу 3.7 милијарди евра, што значи дека за новото СЈО би се одвојувале околу 1.5 милион евра годишно. 

Покрај тоа, новиот јавен обвинител ќе мора финансиски да ја врати штетата доколку „утре“ се покаже дека ја проневерил функцијата, а и законски ќе биде задолжен да биде отворен кон јавноста.

Сепак, четирите амандмани се само една петтина од забелешките што ги има најголемата опозициска партија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека допрва треба да се разговара за клучните прашања: статусот на предметите што ги отвори СЈО, иднината на другите обвинители од Специјалното обвинителство, но и името на новиот шеф на новоформираното Обвинителство, кое опозицијата сака да го предложи, а никако да не биде Вилма Русковска. Ново е тоа што ВМРО предлага новиот шеф да не мора да биде обвинител, туку може да биде и професор.

Всушност, до Комисијата за европски прашања со која раководи Артан Груби, стигнаа речиси педесетина амандмани за законот предложен од владата. Половина од нив се од опозицијата, но интересно е што и СДСМ и ДУИ поднесоа дополнувања на законот. Од партијата на Али Ахмети имаат забелешки во однос на употребата на албанскиот јазик, како и во Советот на обвинители да се одлучува по Бадинтерово мнозинство. Од СДСМ, пак, велат дека корекциите што ги направиле по изготвувањето на законот со цел да нема амнестија, односно сите што се инволвирани во криминал – на крајот да одговараат.

Еден од амандманите за кои веднаш се договориме со опозицијата е околу бројот на денови за користење годишен одмор. Во предлог-законот стоеше дека им следува по 30 работни дена. Ние реагиравме дека на обвинителите треба да им следуваат слободни денови согласно законот, според стажот, што опозицијата го прифати“, коментираат во СДСМ. Од друга страна, власта и опозицијата веднаш го отфрлија предлогот шефот на новоформираното обвинителство да биде странец.

Седницата за европски прашања траеше неколку минути, колку што му требаа на Груби да го прочита дневниот ред, да каже колку амандмани се поднесени и да им даде простор на партиите да се договорат пред законот да стигне до пратениците. Според извори од парламентот, седницата ќе продолжи во понеделник со што власта и на опозицијата ќе имаат цел викенд на располагање. Денеска и утре во Собранието ќе се расправа за промените во владата (назначувањето на Нина Ангеловска за министер за финансии) што им е совршено алиби на политичките субјекти да најдат компромис за прашањето од кое, можеби, ќе зависи датумот за преговори со Европската Унија. Работните групи на власта и на опозицијата денеска ќе имаат нова средба.

Во меѓувреме, Советот на јавни обвинители вчера со девет гласа „за“ и ниту еден „против“ одлучи дека се исполнети условите за почнување постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор како осомничена за случајот „Рекет“. Претседателот на Советот, Коле Штерјев, по седницата изјави дека ќе биде изготвен извештај кој ќе биде доставен до Собранието, кое понатаму треба да ја продолжи постапката за разрешување на Јанева.

За тоа да го направиме, Советот треба да изготви извештај со утврдена фактичка состојба и да го доставиме до Собранието, кое, согласно неговите надлежности, ќе ја продолжи натаму постапката. Бидејќи сме лимитирани со изнесување податоци, извештајот ќе содржи доволно податоци што во понатамошната постапка се доволни за Собранието“, рече Штериев.

Советот на јавни обвинители, како што рече Штериев, првпат се соочува со ваква ситуација на шеф на јавно обвинителство да му е определена мерка притвор. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на осомничениот Орце Камчев, во предметот „Империја“, да излезе од притвор и да добие времен пасош.

Претседателот на комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието, Илија Димовски, вели дека добро е што Советот покажал отпор на притисоци од различни центри на моќ.

Се надевам дека до крај на целата постапка сите органи повикани да постапуваат нема да дозволат политичките интереси да ги поништат законските одредби кои се прецизни и јасни“, вели Димовски.

Тој вели дека во извештајот се наведуваат три основни квалификации, според кои Јанева незаконски, несовесно и нестручно ја извршувала својата функција. Седницата на собраниската комисија нема да се одржи пред наредната недела. Во неа членуваат 13 пратеници, при што шестмина се од власта (СДСМ и ДУИ), шестмина од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а тука е и Фадил Знедели од Беса. Според расположението во парламентот, Јанева ќе биде разрешена, но нејасно е дали тоа ќе се случи пред 15 септември кога, всушност, ѝ истекува мандатот.

Откако процедурата ќе заврши во матичната комисија, процесот се префрла во Собранието. За разрешување на Јанева е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, како и Бадинтерово мнозинство“, објаснува Димовски.

Двотретинско мнозинство е потребно и за да се изгласа новиот закон за обвинителство, но власта го нема во моментов, поради што се инсистира на договор со опозицијата. Во спротивно, од „Илинденска“ порачаа дека имаат план „Б“. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека во таков случај новиот закон ќе важи само додека се смени власта.

Горан Адамовски