За новата влада загадувањето стана врвен приоритет како и судството


Фото: Б. Грданоски

Пред почетокот на седницата на Собранието  СДСМ  порачаа дека македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна Влада која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети како членство во НАТО и Европската унија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија, справување со светската пандемија на коронавирусот и нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции.

„Мандаторот Зоран Заев достави предлог за Влада која е подготвена да сработи во полн четиригодишен мандат, составен од 19 министри и министерки, кои сите заедно се обврзуваат дека ќе водат напред, ќе работат уште повеќе и подобро и заедно со граѓаните ќе ги удвојат напорите за секое населено место во земјата да стане подобра средина за живеење.

Програмата за работа на Владата во целост ја отсликува посветеноста на сите политички партии кои се дел од коалицијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, темелно прочистување на правосудството и проверка на потеклото на имот и пари на сите функционери.

Сите коалициони партнери се согласни посветено да продолжат на реализацијата на Договорите со Република Грција и Република Бугарија кои донесоа влез во НАТО и одлука за почеток на преговорите со ЕУ, како и на Охридскиот рамковен договор кој е темелот на заедничкото живеење во мир.

Имајќи го предвид периодот во кој се наоѓаме и состојбата со Ковид-19, новата Влада ќе се посвети на сериозни инвестиции во јавното здравство за да имаме уште повеќе подготвени капацитети и мотивиран кадар кои ќе се борат против коронавирусот.

Како еден од столбовите е и борбата против загадувањето и решавањето на овој децениски проблем преку суштински политики и инклузивен процес на мобилизација на сите расположливи капацитети.

Ова се принципите и вредностите од кои ќе се води новата Влада, кои ќе ги спроведуваат одговорни, професионални и отчетни кадри, со конкретна мисија и цели, кои ќе имаат задача да работат исклучително и исклучиво за граѓаните и исклучиво на европската трансформација на земјата“, стои во соопштението на СДСМ.