За Николоски, Ковачевски е „формален лидер“ на СДСМ, но понудата за лидерска средба со Мицкоски важи


Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска во Неготино го нарече премиерот Димитар Ковачевски „формален претседател на СДСМ“, кој иако ја одбил понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за лидерска средба, таа сепак се уште важела.

Запрашан од новинарите, дали и покрај одбивањето на Ковачевски за лидерска средба со Мицкоски, се уште важи понудата, тој одговори потврдо повторувајќи дека освен што понудата е отворена, тие се спремни да разговараат „со секој во СДСМ кој што ги носи одлуките, како на пример Зоран Заев, Радмила Шеќеринска или некој друг“.

Николоски додаде дека единствен излез од економската и политичка криза на Македонија се предвремените парламентарни избори и тие треба да се одредат час поскоро, но до тогаш ја повика власта да ги прифати четирите тима со високи професионалци од четирите клучни сектори кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се губи време до одржувањето на изборите, овие тима да работат и да нудат решенија за излез од кризите кои ја зафатија Македонија.

„Потребно е Македонија да излезе од политичката и економска криза, преку решенија во четирите клучни сектори, економија, надворешни работи евро интеграции и односи со Бугарија и заштита на македонскиот национален идентитет, образование и здравство. И секако определување на брз датум за предвремени избори, затоа што излез од оваа криза се само предвремени избори, а додека да се случат тие предвремени избори, да не се губи времето и овие четири тима да работат. Нашата понуда стои и е отворена, оставаме на нивната политичка свест и одговорност“, рече Николоски.