За Никола Димитров ова биле едни од најцрните денови во независноста

Поранешниот министер оценува дека и со овој француски предлог „нашиот пат кон ЕУ ќе зависи од тоа дали Бугарија е задоволна од нашето исполнување на нивните желби“


Фото: Б. Грданоски

 

Освен што оцени дека во конечниот француски предлог била сменета само опаковката, а не содржината, поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров излезе денеска со политички повик владата веднаш да падне ако не го одбие одвој документ. Во својата подолга објава на Фејсбук, откако Владата го објави францускиот предлог, Димитров оцени дека „живееме едни од најцрните денови во македонската историја по независноста“.

Според Димитров, францускиот предлог бил непоправлив дебакл. „Новата опаковка на предлогот е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој можеби ќе ги отвориме преговорите со ЕУ ако го смениме Уставот, ама никогаш нема да ги завршиме.

Дури ни во пакувањето на ‘измените’ не се потрудиле многу. Прво, ако во претходното пакување, преговорите ќе се отвореа по измените на Уставот, сега отворањето ќе почне веднаш, штом се потпише протоколот, ама пак условено оти пишува дека преговорите ќе се до-отворат по внесувањето на Бугарите во Уставот.

Значи, нашиот почеток е на две рати. Две рати само за да почнеме“.

Тој вели дека „ако во претходното пакување историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваа во пристапниот процес преку ‘билатералните протоколи’ според член 12 од договорот за пријателство, сега историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваат преку ‘годишните прегледи и ефективните мерки за имплементација по член 12 од договорот’.

Се работи за апсолутно истите документи, само називот е сменет – сега не се протоколи туку прегледи и мерки, но црно на бело стои член 12 со што нема дилема на што се однесува. Тоа е членот каде се вели дека македонско-бугарската меѓувладина комисија еднаш годишно ќе се состанува, ќе врши преглед на направеното и примена на мерки, донесувајќи документ што досега го викавме протокол.

Ова е еден срамен обид и од дома, ама и од ЕУ, можеби на сугестија од дома, да се замачкаат очите на македонските граѓани нарекувајќи ги со друг назив истите обврски што мораме да ги преземеме и што сега стануваат обврски спрема ЕУ и за што ќе известува европската комисија“, нагласува Димитров.

Тој заклучува дека „нашиот пат кон ЕУ ќе зависи од тоа дали Бугарија е задоволна од нашето исполнување на нивните желби. И токму затоа, одговорно тврдам дека овој пат е слепа улица, што никогаш нема да нѐ донесе до посакуваното членство. Тоа е пат кон вечна агонија и измачување“.

Димитров вели: „Ценам дека деновиве живееме едни од најцрните денови во македонската историја по независноста“ и потоа како политчар кој има агенда пред себе се обраќа до јавноста:

„Почитувани сограѓани,

На влада што за вакво историски важно прашање го лаже сопствениот народ гледам како на туѓа влада. Не знам дали сум повеќе згрозен од предлогот што нѐ носи во бескрајно измачување во рацете на Бугарија или од овој обид за измама од епски размери.

Сме имале ние многу грешки во минатото. Ама ваков кукавичлук и бегање од соочување и искрен приод кон граѓанството за вака суштинско прашање не паметам.

Оваа влада мора да сноси политичка одговорност за овој срам. Оваа влада, почитувани сограѓани, ако веднаш категорично и конечно не го одбие предлогот што веќе два пати го одби, и не се извини длабоко за лагата, треба веднаш да падне!“