За непочитувањето на полицискиот час за 37 скопјани предвидени се казни од вкупно 74.000 евра


Фото: Б. Грданоски

Основното јавно обвинителство Скопје предложи казни од по 2.000 евра за секој за 37 лица за непочитување на полицискиот час.

Од ЈО информираат дека сите обвинети се товарат дека не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим за движење на населението и биле затекнати како се движат на различни локации во градот за време на полицискиот час.

Битолското јавно обвинителство, пак, до Основниот суд Битола поднесе предлози за издавање на казнени налози за вкупно 11 лица, поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Обвинетите не се придржувале кон мерките за ограничување на движењето, па иако не поседувале соодветни дозволи за движење, биле затекнати надвор од нивните домови за време на полицискиот час.

Јавното обвинителство предложи на сите обвинети да им бидат изречени парични казни од по 100 дневни глоби, а секоја дневна глоба да биде определена во износ од 20 до 30 евра во денарска противвредност.