За НАТО треба да се праша и Пабло Иглесијас


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Оптимизмот некогаш знае да издишува полека, чекор по чекор. Така е со проекцијата од почетокот на годинава дека по ратификацијата на Преспанскиот договор членството во НАТО е извесно на декемврискиот самит на Алијансата. Може тој оптимизам беше потхранет со екстра брзата ратификација на Протоколот за членство во повеќе земји, фактот дека ниту една држава нема забелешки на македонските политички и воени перформанси и дека ова членство во основа е исправање на една голема неправда од Букурешт 2008 година.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, од средба на средба, од форум на форум, го повторува она што сите го знаеме – дека членството е заслужено, само треба уште да помине техничката процедура. Но процедурата во еден момент може да премине во политика. Нема само Македонија политички проблеми, во некои од земјите на НАТО тие се дури и многу поголеми. Токму тие проблеми може да го одложат членството на Македонија во НАТО за некое неопределено време идната година, а лондонскиот самит во декември да помине со незавршена работа.

Во овој момент Протоколот не е ратификуван во Италија, Велика Британија, САД, Шпанија и Исланд, во Холандија процедурата заврши во Долниот дом, а треба да помине уште во Сенатот. Во САД ратификацијата помина во Комитетот за надворешни односи, уште треба да биде усвоена од целиот состав на Сенатот. Што значи дека горе-долу работата таму е завршена. Целосна мистерија е што се случува со ратификацијата во Исланд и, според некои информации, процесот таму не е ни започнат.

Македонските политичари често знаат за своите неуспеси да ги обвинуваат „вишите“ сили во некои други позначајни земји. Во случајот со ратификацијата на Протоколот за НАТО, тоа во најголема мера е точно, само под услов да биде прифатена амнестијата што сами си ја даваат за неуспешните преговори за името во последниве петнаесетина години. Ситуацијата во Британија и Шпанија навистина не е добра за нашето членство во НАТО. Иако во Британија целата процедура е поедноставна отколку во другите земји, и таму ратификацијата главно зависи од владата, сепак треба да помине и низ парламентот во 20 работни дена. Петнаесет од нив поминаа пред летната пауза, но хаосот со именувањето на Борис Џонсон за премиер и конфузијата кон каков „Брегзит“ ќе се оди, го ставија во неизвесност продолжувањето на процедурата. Целиот хаос може да заврши со вонредни избори.

Слична е ситуацијата во Шпанија. По изборите во април кои не донесоа јасен победник, социјалистот Педро Санчез остана вршител на должноста премиер, но по двата неуспешни обиди да биде потврден од парламентот сега е во тек последната фаза за формирањето влада со популистичките левичари од Подемос. Нивниот лидер Пабло Иглесијас бара тие да бидат дел од коалициска влада, Санчез ја отфрла таа можност и бара само поддршка на Подемос во парламентот, а за возврат да има поголемо разбирање за некои барања на екстремните левичари. Бидејќи политичката криза во Италија е речиси завршена со исфрлањето на Лига на Матео Салвини од владата и договорот на новите коалициски партнери, останува само Шпанија како најголема „пречка“ за декемврискиот сон за НАТО.

„Нема причина да бидеме непријатели“, се обидува да направи мост Санчез, а Иглесијас одговара: „Политиката не може да се заснова на доверба, туку на гаранции, а коалициската влада е единствената гаранција“. На одреден начин тоа значи дека декемвриската потврда на членството во НАТО во голем мера зависи од партиските интереси на Пабло Иглесијас. Во таа потрага по гаранции најверојатниот исход ќе бидат нови предвремени избори во ноември. Тоа значи дека ќе нема ништо од декември. Тоа ќе значи дека нема ништо од владините планови за триумфален влез во изборната година. Тоа ќе значи дека ако работите не можат да се променат поради политичките кризи во неколкуте земји тогаш може на некои работи во Македонија да им се даде акцелерација пред одлуката на Европската Унија во октомври за датумот за почеток на преговори. Има уште малку време, но ако веруваме дека некои од членките на НАТО може да ја завршат ратификацијата за кусо време така треба и ние да ги перципираме работите спрема себеси – дека до 15 октомври може да го завршиме она што е неопходно за датум.

Се разбира, Радмила Шекеринска и Никола Димитров не треба да запрат со објаснувањата за нашето заслужено членство во НАТО, но тоа веќе не е врвот на дипломатската агенда. Сега главната задача е да ги убедиме нашите европски пријатели дека датумот не е незаслужена награда. Само прво партиите да разберат дека гаранциите за европската иднина на Македонија во голема мерка зависат од нив и откажувањето барем на дел од нивната неверојатна себичност.