„За нас почнува живот“ – премиера во Драмски театар 


Во Драмски театар на 20 и 21 ноември во 20 часот ќе се реализираат премиерните изведби на претставата „За нас почнува живот“. Претставата се игра на Мала сцена и улогите ги толкуваат Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви, режијата е на Дејан Пројковски. Оригиналниот наслов на драмскиот текст е „Прав“ на унгарскиот автор Ѓерѓ Шпиро.

Костимографна претставата еМарија Пупучевска, автор на музиката Горан Трајковски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, преводот е на Маја Бражанска а изработката на плакат и видео е на Стојан Стојановски. Претставата е финансиски поддржана од Министерстото за култура.

Ѓерѓ Шпиро (1946, Будимпешта) е еден од најпознатите современи унгарски писатели. Дипломирал унгарска и словенска книжевност, а потоа новинарство и социологија. Дејствието во неговите романи често е просторно и временски изместено, но затоа секогаш во нив се наметнуваат силни паралели со денешницата : „Ѓерѓ Шпиро може да направи нешто на што другите писатели може да му завидуваат – тој може да се движи низ времето.” (Имре Кертеш)

Шпиро пишува романи, раскази, драми, поезија, есеи, исто така тој се занимава со историја и теорија на книжевноста. Како голем познавач на многу светски јазици посебно на словенските (полски,руски,словачки,српски) тој ја напишал единствената студија за развојот на драмата во Средна и Источна Европа, а помеѓу неговите дела од историјата на книжевноста се истакнува монографијата за Мирослав Крлежа. Со својот авангарден стил, ликови од маргините, со богат и сочен јазик Шпиро секогаш умее да ја шокира традиционалната унгарска критика. Неговите драми се добитници на голем број награди и признанија, повеќе пати ја освојувал и главната награда за Најдобра унгарска драма на годината. Драмскиот текст „Пилешка глава” (1986) е оценет како најважна унгарска драма во последните 30-тина години. Помеѓу бројните награди се издвојуваат Кошутовата награда, Наградата Атила Јожеф, Награда на унгарската театарска критика „Тибор Дери”…

Ѓерѓ Шпиро – професор на Академијата за драмска и филмска уметност во Будимпешта и член на Унгарската академија за книжевност и уметност.