За министерот Пенов, Илиевска неправилно ја прекинала седницата на Советот на Битола
БИТОЛА – Последната седница на Советот на Општина Битола беше неправилно прекината, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов при денешниот престој во Битола. Иако нагласи дека одлуката е во надлежност на вишиот инспектор за локална самоуправа, Пенов сепак даде свое мислење за политичката криза во Битола.
Според кажаното, Пенов мисли дека претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска направила прекршок со тоа што прекинот на седницата не го направила законски. Но, министерот вели дека и во продолжението на седницата од страна на ВМРО-ДПМНЕ има точки кои биле изгласани, а за тоа не бил почитувал деловникот во поглед на обезбедување на мнозинство.
„Седницата е, неправилно прекината. Точките што се изгласани до прекинот не се потпишани, што е прекршок. Продолжението е со потребно мнозинство и тие точки што се гласани со тоа мнозинство, ќе бидат, јас сега прејудицирам оти инспекторот носи одлука, ќе бидат потврдени. Има деловнички точки кои бараат квалификувано мнозинство кои не можат да бидат прифатени, ќе мора да бидат обновени. Но, во секој случај ќе направиме напор Советот да продолжи со работа и Општината да функционира нормално“, рече министерот Пенов.
За утре се очекува извештајот од вишиот инспектор за локална самоуправа, за тоа кој е виновен за прекинатата седница, и дали се законити одлуките донесени на неа. А утре во 12 часот Советот ќе одржи вонредна седница со три точки на дневен ред и да даде мислење дали има оправданот од итна седница. (А.Б.)