За мерката „Викенд без ДДВ“ ќе почекаме до крајот на август

Битиќи: Аплицирањето за третиот пакет ќе биде едноставено и познато во следните две до три недели

Во следните две до три недели ќе биде позната целата процедура на аплицирање за најновиот трет пакет економски мерки што вчера ги презентираше Владата. Економскиот советник во Владата Фатмир Бетиќи денеска изјави дека аплицирањето ќе биде едноставно без премногу административни процедури.

– Начинот на аплицирање ќе биде едноставен, но во овој период од две недели сите детали ќе бидат прецизирани, истакна Битиќи на денешната прес-конференција во Владата.

Во овој период ќе бидат исконтактирани граѓаните кои ги исполнуваат критериумите за користење на платежни картички и ваучери.

– Ќе има двонасочна комуникација. Владата веќе презема иницијатива на филтирање на списоците по критериумите што вчера беа кажани, но ќе има и процес на изјаснување на граѓаните дали ги прифаќаат евентуалните мерки. Во следниот период, не повеќе од две до три недели, ќе има повик до сите граѓани особено за првите два пакета од првиот столб за платежните картички и ваучерите, рече Битиќи.

Порача дека нема да се креираат мерки со кои ќе се загрози здравјето на граѓаните, посочувајќи дека мерката „Викенд без ДДВ“ планирано е да се реализира кон крајот на август и почетокот на септември кога се очекува намалување на интензитетот на вирусот. Потенцира дека доколку и во овој период има препораки за негрупирање на граѓани, тогаш ќе се разгледа опцијата кога ќе биде најповолен момент за нејзина реализација.

– Ова е мерка која е предвидено е да се реализира кон крајот на август и почетокот на септември кога очекуваме ефектите од корона вирусот да спласнат и ќе се креираат услови за непречено фунцкионирање на општеството. Во таа смила не сметаме дека евентуалното групирање  на луѓе ќе предизвика бран на негативни ефекти. Ако во тој период има препораки за негрупирање, тогаш ќе се види кога ќе биде најпогодниот момент да се имплементира, потенцира Битиќи.

Појасни дека само корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе може да учествуваат и само продуктите кои ќе се продадат тој ден, а за кои ќе има фискална сметка.

Во однос на ваучерите за одмор од 6.000 денари и платежна картичка од 3.000 денари, Битиќи појасни дека целта е да им се помогне и на граѓаните и на домашниот туризам.

– Вкупната вредност која секој поединец ја добива е 150 евра. Наместо еден поединец да даде 9.000 денари свои средства кои денес ги нема, а ги има 4.500, ние му викаме повелете уште 9.000 денари на вашите 4.500 и поминеме еден викенд во Берово или на другите туристички места… Знаеме дека најверојано некој ќе каже тоа се малку пари, но сакаме да ја стимулираме потрошувачката, да биде насочена кон локалниот туризам, рече Битиќи.

За платежната картичка за купување на македонски услуги и производи, Битиќи рече дека се согледуваат техничките решенија за тоа дали ќе може софтверски да се препознаваат овие производи и на посебен посттерминал да се плаќаат.

–  Во моментот кога граѓаните ќе ги добијат картичките, ќе бидат дополнително известени. Сакаме да овозможиме средствата кои ги даваме да ја поттикнат македонската економија која е најпогодена и еднаш за секогаш да се свртиме кон домашната економија, рече Битиќи.

Според него, не држат обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека стопанството е оставено на цедило бидејќи веќе се имплементираат двата пакета со кои директно се помагаат компаниите и кои ќе продолжат и во следните месеци, а сега се додаваат и мерките од третиот пакет.

Ефектите од третиот пакет економски мерки, според Битиќи, се повеќе димензионални и резултатите ќе значат и системски решенија. Целта е да заживее домашната економија, да се трансформираат и модернизираат економските дејности за да се создадат услови за економски раст. Директна финансиска поддршка со зголемување на платите за 20 процетни за два месеца ќе добијат и здравствените работници од инфективните одделенија и центрите за јавно здравје кои беа најизложени во борабата против корона вирусот.