За Максим Димитриевски изјавите на претседателот се промискуитетни


Промискуитетни изјави кои имаат за цел да дискредитираат и да ги делат граѓаните по политичка припадност не коментирам – вака градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ги коментира вчерашните изјави на претседателот на државата Стево Пендаровски на негова адреса.

-Луѓето не ги делам по политичка, верска или било каква друга основа а најмалку пак ги доживувам како глас, за мене секоја индивидуа е личност со интегритет и единствената разлика може да се направи во однос на добри и лоши, работливи и неработливи, луѓе со став и луѓе кои менуваат став по потреба или пак по налог, како што за жал до сега многупати се потврди во случајот на нашиот претседател на државата. Како и да е Македонија преживејала и полошо и полицемерно, но никогаш не доживеала ваква рашомонијада и импровизации кои се секојдневни. Сите заедно ќе го надминеме и овој феномен и повторно ќе продолжиме напред, прокоментира Димитриевски.

Неговата реакција уследи по вчерашното интервју на Пендаровски во кое рече дека се срами што такви како него „прелетувачи“  гласале воопшто за него на избори. 

-Со тој човек никогаш не сме биле сопартици, јас не сум член на политичка партија. И да сум бил со тој човек во иста партија би ми било минус во животот. Има луѓе кои имаа потреба секој дена да зборуваат дека се Македонци кои зборуваат македонски јазик, други кои имаат лабави национални сознанија кои постојано повторуваат дека се Македонци, рече вчера Пендаровски како реакција на критиката од Димитриевски дека во Полска одбегнувал да го употреби зборот македонски народ туку рекол “народот кој живее таму“.   

Тој појасни дека на прашањето на полската новинарка „Што значи отворањето на преговорите“ кажал дека: Tоа не е добро само за Северна Македонија и народот кој таму живее, туку е добро и за целиот регион“ .

Претседателот кажа дека е разочаран што оваа реакација доаѓа од човек кој гласал за Преспанскиот договор.

-Излезе дека тој е поголем вмровец од вмровците и навистина се срамам што такви политички „прелетачи“ воопшто ме гласале, кажа Пендаровски.