За Левица концесијата за ХЕЦ „Чебрен“ и „Тиквеш“ е штетна како продажбата на „Окта“


Чебрен на Црна Река

Политичката партија Левица смета дека за најважниот енергетски проект во државата, хидроцентралата „Чебрен“, која ќе ја гради грчкиот инвеститор ,,Архиродон”, Македонија нема да даде пари за изградба, а својот удел во инвестицијата ќе го „плати” со отстапување на уште едно енергетско богатство – ХЕЦ „Тиквеш“.

За Левица станува збор за скандалозна одлука бидејќи двете хидроелектрани ќе бидат дадени под концесија на инвеститорот и истите се оттуѓуваат од правото државата да располага со нив.

„По изградбата, државата ќе располага со 33% од влогот, а 67% му останува на концесионерот. Катастрофалниот договор е склучен на начин како и договорот со Окта со Хеленик Петролеум, по принципот „отуѓи, па цел живот плаќај“. Со овој штетен договор, грчката компанија ќе располага со двете хидроелектрани и природно богатство, а народот во наредните 60 години, колку што е договорот за концесија, ќе продолжи да ја плаќа струјата на берза“, велат од Левица.

Ова, според Левица, претставува уште еден „бонбона“ бизнис.

„Основен темел на независноста на една држава е стабилен електро-енергетски систем. Владата на Ковачевски, покрај распродажбата на националните и државните интереси, удри и по темелот на независноста на Македонија, електро-енергетскиот систем“, велат од Левица во соопштение до медиумите.