За Ковачевски, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за пензиите е паушален, најавува финансиска помош за пензионерите

Се работи на методологија која ќе овозможи долгорочно и одржливо зголемување на пензиите


Премиерот Димитар Ковачевски денеска го оцени предлогот на ВРМО-ДПМНЕ за зголемување на пензиите за 20 отсто како паушален бидеќи не се темели на никакви анализи и методологија. Истовремено, најави дека Владата прави анализи за зголемување на пензиите, како и за финансиска помош за пензионерите за справување со енрегетската криза.

„Јас веќе најавив во експозето при избор на новата Влада неколку економски политики кои што ги сметам за клучни во справувањето со економската криза. Пензиите беа една од тие политики и ние веќе работиме на анализи за кои ќе се дискутира со здруженијата на пензионери и други заинтересирани страни, како и институциите на Владата. Во однос на предллогот на ВМРО-ДПМНЕ можам да го оценам како паушален, предлог кој што е даден само заради тоа ВМРО-ДПМНЕ да покаже дека учествува во овој процес, меѓуоа кој не се базира на никаква меодологгија и на никакви анализи“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, на настан организиран по повод закројување на лозјата. 

Тој денеска од Росоман порача дека веќе се работи на методологија која ќе овозможи одржливо и долгорочно зголемување на пензиите и која ќе биде презентирана пред сите засегнати страни.

 

„Работиме на методологија која ќе овозможи одржливо и долгорочно зголемување на пензиите бидејки пензионерите заслужуваат по толку години изминат труд и придонес во развојот на државата, да имаат достоинствени пензионерски денови, изјави Ковачевски.

„Можам да изјавам дека веќе работиме и на пакет помош, односно на финансиска помош за пензионерите која што ќе ја определиме врз основа на анализи и која што ќе им биде дадена на пензионерите за полесно справување со енергетската и со економската криза“, рече Ковачевски.