За колку ќе се зголеми субвенционираниот оброк за студентите, повлечен новиот закон


По неколку недели неизвесност од стартот на академската 2022/2023 година, студентите ќе го дочекаат конкурсот за субвенциониран оброк, пишува порталот Факултети.мк..

Според последните информации, субвенционираниот студентски оброк студентите ќе го добијат во втората половина на ноември, откако следната недела ќе бидат изгласани законските измени на Законот за субвенциониран оброк.

Изготвувањето на предлог-законот со кој требаше да се продолжи исплатата на оброк за годинава заврши пред два месеца, но дури сега доби разврска во Собранието.

Измените на Законот ја поминаа Комисијата за образование и веќе се испратени до претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој треба да го стави на дневен ред.

Се најавуваат и измени во делот на висината на субвенцијата, која сега изнесува 120 денари, односно зголемување на 140 денари.

Под јавен притисок повлечени измените за студентски оброк, бидејќи сите се кренаа на нозе

Десет пратенички и еден пратеник по скратена постапка предлагаат измени во Законот за субвенциониран студентски оброк, со кои измени на голем број студенти би им се укинал студенсткиот оброк.

Пратеничките од СДСМ и ЛДП Жаклина Лазаревска, Моника Зајкова, Санела Шкрељ, Даниела Николова, Љатифе Шиковска, Лидија Тасевска, Емилија Рамбабова, Драгица Ѓавочанова, Даниела Колева и независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ предложија измена на Законот за субвенциониран студентски оброк. Тие предлагаат субвенциониран студентски оброк да не добиваат студентите кои добиваат стипендија и оние чии родител/и имаат месечен приход над 18.000 денари. Предлогот е да им се укине правото на субвенционират студентски оброк и на апсолвентите.

„Измените на Законот за субвенционоран студентски оброк се повлекуваат, а сите нови чекори ќе бидат дефинирани заедно со претставниците на Универзитетските собранија кои ги бранат и застапуваат студентските права и потреби.
Итна средба со членовите на студентските претставнички тела и министерот за образование и наука Шаќири е закажана во понеделник во 16:30ч, каде преку дискусија и заедничка одлука ќе донесеме решение кое најдобро ги застапува интересите на студентите!

Студентите се интегрален дел од секој процес на креирање политики и носење одлуки, и затоа досегашната пракса на консултација која беше силно поздравена од сите засегнати страни мора да продолжи“, напиша и Дарко Каевски, пратеник од СДСМ.

Зајкова: Студентски оброк мора да има!

Законот за студентски оброк кој предизвика оправдани реакции меѓу студентите по однос на критериумите кои се вметнати во истиот се ПОВЛЕКУВА, заради усогласување во овој дел заедно со претставниците на студентите, вели на својата официјална Фејсбук страна пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова.

– Јавно ги повикувам претставниците на Универзитетските студентски собранија на итна средба во Собранието на Република Северна Македонија во понеделник (14ти ноември) во 16.30 часот, сите заедно со министерот Шаќири да дискутираме по однос на овој дел од законот
се со цел да најдеме заедничко решение кое ќе биде системски воспоставено и ќе обезбеди здрав оброк на студентите, како што впрочем и беше првата намена, истакнува Зајкова.

Според неа ова решение треба да прерасне во пракса за да се надоградува во годините кои следат по примерот на Словенија каде се применува долги години.