За Камчев уште 30 дена притвор, одлучи судот
Еден од најбогатите македонски бизнисмени, Орце Камчев, останува во притвор и понатаму по поминати 90 дена. Кривичниот судски совет на Одделот за организиран криминал му одреди нови 30 дена притвор како главен осомничен во случајот „Плацевите на Водно“. Претходно, Камчев нудеше и гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, но таа му беше одбиена бидејќи според Апелацискиот суд и натаму постои опасноста од бегство.
Според обвинението, преку него бившиот премиер Никола Груевски ги перел парите од партиските членарини и си купил над еден хектар плацеви, шума и нетрансформирано градежно земјиште на Водно.
За оваа истрага надлежниот обвинител Лиле Стефанова од ОЈО за организиран криминал и корупција поднесе обвинение на 12 мај. Кривичниот суд наскоро ќе треба да го оцени обвинението за „Плацевите на Водно“. Доколку добие зелено светлонабрзо ќе стартува и судењето.
Освен Камчев, во овој случај осомничен е и екс премиерот Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков (кој, исто така е во притвор), мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Оној кој ја иницирал целата криминална шема во овој случај, Никола Груевски, е на слобода откако доби политички азил во Унгарија.