За јануари, февруари и март граѓаните ќе добијат 5,59 милиони евра од Мој ДДВ 


Од Владата велат дека не се разговара за целосно укинување или стопирање на проектот Мој ДДВ


За јануари, феврури и март годинава на граѓаните кои скенирале фискални сметки во текот на следниот месец ќе им бидат исплатени 343.803.953 денари или 5,59 милиони евра. Во овој период се скенирани 49.946.278 фискални сметки, остварен е промет од 21.957.355.689 денари, со вкупен ДДВ од 2.292.026.352 денари, соопшти денеска Управата за јавни приходи.

Заклучно со вчера УЈП го заокружи третото тримесечје од проектот Мој ДДВ. Споредбено со првите два квартали зголемување има и кај бројот на корисници на апликацијата МојДДВ, и кај бројот на скенирани сметки, а со тоа и кај повратот на 15 проценти ДДВ кај граѓаните. За првото тримесечје беа исплатени вкупно 186.215.194 денариодносно 3.028.000 евра, а за второто тримесечје 233.176.601 денар или 3.791.000 евра.

Исплатата за првиот квартал годинава ќе стартува во мај. Управата за јавни приходи се уште врши исплата за првото и второто тримесечје на сите граѓани кои имале грешки во податоците, а во меѓувреме ги ажурирале.

Претходно денеска министерката за финансии, Нина Ангеловска, рече дека не се разговара за целосно укинување или стопирање на проектот Мој ДДВ и дека сите граѓани што скенирале сметки ќе си ги добијат назад средствата.

„Пристигнаа повеќе предлози од граѓани што велеа дека треба да покажеме и ние солидарност и да се откажеме од овој дел, меѓутоа мотото на проектот е ‘Пари назад кај граѓаните’ што значи дека тоа се пари на граѓаните што скенирале сметки и сега треба да ги добијат назад. Доколку пристигнат повеќе предлози и доколу граѓаните сметаат дека треба овие средства да се насочат во други мерки или во солидарниот фонд, кој ќе биде отворен, секако за тоа можеме да разговараме“, рече Ангеловска во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Таа најави дека на апликацијата Мој ДДВ, би можело да се овозможи секој граѓанин да ја прикаже својата солидарност, односно, како што кажа, да му даде можност на граѓанинот доколку сака овие средства да ги донира во солидарен фонд.

„Ќе ја разгледаме и таа опција“, посочи Ангеловска.

Мерката МојДДВ почна од 1 јули 2019.