За Груевски заврши правната сага за „шлаканиците“ во Центар. Врховен суд го одби неговото барање


 

За Никола Груевски веќе нема никакви правни можности да ја става под сомнеж пресудата за „шлаканиците“ во Општина Центар.

Врховниот суд го одбил неговото барање за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „Насилство во Центар“ со која тој правосилно е осуден на 1,6 години затвор.

Од Основниот кривичен суд во Скопје информираа дека од Врховен им доставиле решение во кое барањето на Груевски, поднесено преку неговиот адвокат, „се отфрла како недозволено“.

Со ова конечно заврши една од судските саги на поранешниот премиер.

Врховниот суд го одбил барањето како неосновано бидејќи било поднесено од неовластено лице. Адвокатот Петар Тимовски, кој му беше доделен на Груевски по службена должност, имал право да го застапува само до правосилноста на пресудата.

„Врховниот суд констатира дека поднесеното барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда е поднесено од неовластено лице, бидејќи бранителот по службена должност е овластен да ги презема во корист на обвинетиот сите дејствија што може тој да ги преземе до правосилноста на пресудата. Поднесувањето на барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда претставува дејствие кое се презема по правосилноста на пресудата, бидејќи е вонреден правен лек, за кој бранителот по службена должност не е овластен“, се појаснува во решението на Врховниот суд.

Пресудата за „Насилството во Центар“ од првостепениот суд беше донесена уште на 29 септември 2020 година, кога тој веќе две години беше во бегство во Будимпешта. Потоа, пресудата беше потврдена и од Апелацискиот суд во Скопје.

Протестите пред зградата на Општина Центар, кои за малку не се претворија во сериозно насилство, се случија во 2013 година. Граѓани беа мотивирани да дојдат таму (или донесени) за да се побунат против наводните планови за уривање на црквата „Св. Константин и Елена“, што беше голема манипулација. Затоа што причината за собирот, за кој обвинителството тврдеше дека е организиран од ВМРО-ДПМНЕ, беше најават за промена на урбанистички планови за да се зауздаат нечии големи апетити, а не наводното уривање на црквата. Во тоа време градоначалник на Центар беше Андреј Жерновски. Ова беше една од првите истраги на Специјалното јавно обвинителство.

Со истата пресуда за виновни беа прогласени и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет други лица. За нив судот одреди условни казни затвор.