За Градежната комора прифатлив предлогот за задолжителен приклучок на парно на новите згради


За Градежната комора при Сојузот на стопанските комори е прифатлив предлогот на Регулаторната комисија за енергетика со Законот за градба инвеститорите да бидат обврзани за приклучување на новите згради на системот за топлинска енергија. На денешната средба со претставници на РКЕ и компанијата за топлинска енергија БЕГ добија ветување дека ќе бидат разгледани нивните забелешки за овој предлог, но и оти ќе се поедностават одредени постапки за подобрување на нивното оперативно работење и ќе им се намалат трошоците каде што има можност.

На средбата се разговараше и за планираното поставување калориметри, изградбата на приклучоците, поедноставувањето на постапката  за добивање одобренија за градење при изградба и на мрежата за топлинска енергија и за природен гас, како и инфраструктурата при приклучувањето.

Градежната комора, како што рече претседателот Ивица Јакимовски, во целост го оправдува предлогот на РКЕ затоа што имаат иста цел – намалување на потрошувачката и подобрување на енергетската ефикасност.

Според него, со почитување на прописите регулирани со Законот за енергетска ефикасност, потрошувачката на енергија во објектите е намалена за шест пати, а сега се оди чекор понатаму, односно и уредите кои се инсталираат во домовите за загревање да бидат енергетски ефикасни односно да трошат помалку енергија.

-Како градежни компании, согласно со Правилникот и Законот за енергетска ефиканост  што стапи во сила од 2013 година, објектите што ги финансираме во секторот високоградба  се во енергетска ефикасност и тоа во фаза А. Значи ако веќе сме произвеле енергетски ефикасни објекти, нормално е дека ќе следи и втората фаза која што е целосна имплементација, а тоа е потрошувачка на енергија, уредите кои се инсталираат во домовите да бидат енергетски ефикасни, а со тоа и енергијата која се користи за затоплување е добро да биде со помала вредност. В случајов доколку  се направи анализи, а тоа е моментот дека објектите кои би биле приклучени на енергетска ефикасност треба да трошат многу помалку споредено со објкетите кои се изградени во периодот до 2010 година, изјави Јакимовски.

Има, како што потсети, случаи во минатото кога одреден процент од објектите се приклучени на централно градски греење, но не биле приклучени сите крајни купувачи.

– Имаме случај  при влез на топлинска енергија во зграда со 100 стана, од кои 50 користат, а 50 не се приклучени  на централно градско греење. Потрошената енергија се дели на 50 потрошувачи, а реално ја користат 100, ако не директно индиректно заради тоа што кај има заеднички ѕид под  плафон имаме и губиток на енергија која ја користи другиот краен корисник. Мислам дека во оваа насока е добро да се регулира ако веќе одреден објект е приклучен на централно градско греење да бидат корисници сите, појасни Јакимовски. Како што укажа, во објектите кои се енергетски ефикасни има намалување на потрошувачката на енергија и до шест пати. Сега е моментот како и на кој начин  БЕГ ќе ја дистрибуира енергијата и како ќе одреди точна потрошувачка на енергија која е потребна за  објектот. Тоа е втора фаза во која ќе се оди на варијанта на вградување на  калориметри каде секој краен потрошувач ќе има увид во тоа колку потрошил од енергијата, дополни Јакимовски.

Трошокот  за калориметрите во прва фаза ќе биде на товар  на инвеститорите, а индиректно и на купувачите. – Го коментиравме тоа дека за набавка на калориметрите покрај тоа што ќе може да се купат од страна на БЕГ ќе има можност да се набават и дополнително со што би имале пореална и поконкретна понуда со цел  да не падне преголем товар на купувачите, информира Јакимовски.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски најави дека ќе ги поедностават сите процедури и постапки колку што може во интерес и на компаниите и на граѓаните и таму каде што може ќе бидат редуцирани одредени трошоци.

-РКЕ веќе го намали делот на трошокот што се однесува но инсталиран капацитет од 3.160 денари на 2000 денари и понатаму ќе гледаме каде има можност во однос на процедури кои се долготрајни и создаваат нервоза и кај  инвестоторите, но и кај операторите на мрежата, пред се, да ги скратиме роковите. Она што е битно е со овој предлог на закон однапред операторот на мрежата за диструбуција на топлинска енергија ќе знае каде да си ја шири својата мрежа.  На тој начин сите трошоци ќе бидат редуцирани и оптимизирани,  бидејќи операторот нема да гради парче по парче туку одеднаш ќе изгради  мрежа на која што понатаму ќе бидат приклучувани сите нови згради, изјави Бислимовски.

Мрежата за топлинска енергија во град Скопје е покриена со урбанистички планови, а доколку треба да оди подалеку каде нема соодветна планска документација, укажа, за тоа постојат општините да си донесат ДУП-ови за да може секој инвеститор, но и секој оператор на мрежа и секој граѓанин да знаат во одреден дел  од општината што ќе се гради во следниот период.

Претседателот на РКЕ очекува следната недела повторно да има состанок во Министерството за транспорт и врски за предлогот што го достави до таа институција во април годинава  Со предлог закон за изменување и дополнување на Законот за градба  РКЕ бара однапред при извадањето на одобрението  за градење да се знае кој објект што ќе користи за греење. Исто така, предлагат да има мапирање и во секоја општина да се знае однапред каков  вид на енергенс покрај електричната енергија којашто апсолутно ќе ја има секој ќе користат во периодот за загревање. За измените на законот РКЕ денеска ќе има средба и со Комората на Северозападна Македонија, а претходно се консултираше и со градежниците во Стопанската комора на Македонија.