За Гордана Силјановска биографиите на новите министри се како флаери


Пратеничката Гордана Силјановска- Давкова на денешната седница на Собранието го оспори легитимитетот на новата влада поради поразот на локалните избори, и поради фактот дека премиерот Зоран Заев не се повлеков од здравствени или други причини, туку поради изборен неуспех. Второ, како што посочи, кога се конституирала владата, дел од неа беше и партијата БЕСА, сега како што рече Силјановска, има само еден евро освестен пратеник. Затоа, продолжи Силјановска, гласачите не се сега гласачи на оваа коалиција и затоа нејзиниот легитимитет е нагризен.

Таа го оспори и квалитетот на предложените министри оценувајќи дека нивните биографии наликуваат на флаери.

„Се прашувам што мислат граѓаните за учество на Алтернатива во владата. Исто така, министрите кои беа носители на кандидатските листи ги нема. Се повикувате на НАТО, но ја нема министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која беше персонификација на НАТО, не знам дали е разрешена или е од лични причини“, рече пратеничката Силјановска Давкова.

Нејзините тези наидоа на реакција од пратениците на СДСМ, при што тие ја потсетија дека и ВМРО-ДПМНЕ изгубило локални избори додека било на власт па никој не ја спорел нивната влада, како и тоа дека Никола Груевски сакаше да остане на власт кога не успеја да формира влада , а во партијата не им паѓаше на памет да признаат дека таа немала легитимитет. 

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски пак тврдеше дека новата влада , исто како и досегашната,  нема кредибилитет и капацитет да ја извади Македонија од тешката ситуација во која што се наоѓа веќе подолг период. Според него, голем дел од кадрите кои што се предлагаат за министри се дел од луѓето кои што ја доведоа Македонија во држава каде што цвета криминалот, корупција, држава во која што има голема финансиска, економска, здравствена, а последно и енергетска криза.

„Погубните политики на СДСМ кои беа водени од луѓе и кадри кои доведоа до страшна криза во Македонија во здравството генерално, вклучувајќи ги и последиците од КОВИД 19, енергетската криза, хаосот со снабдување на Скопје со топлина, како и економската криза во државата, сега ние треба да поверуваме и да очекуваме дека овие исти луѓе ќе донесат добро за државата и граѓаните“, рече Мицевски.

Мицевски потсети и за едногласно усвоената, Декларација за утврдување на црвените линии во спорот со Бугарија.

„ Се надвор од рамките на таа Декларација, ќе ве направи соучесник во предавството кое што се подготвува, но и соучесник во непочитувањето на волјата на граѓаните кои не гласале да бидеме нивни претставници и застапници во оваа законодавно Собрание“, рече Мицевски.

Тој истакна дека, сепак, оваа Влада, исто како и претходната, од самиот старт е на стаклени нозе и нема иднина и дека оваа Влада нема легитимитет од народот бидејќи не е избрана од народот.

„На сите ни е јасно дека ова е влада составена во кабинетот на Зоран Заев и дека оваа коалиција е резултат само на политички пазар, воден од тесно партиски и бизнис интереси и ништо повеќе. На сите ни е јасно како беше формирано ова парламентарно мнозинство кое го гледаме денес и треба да ја гласа оваа влада. Сите го видоа новиот „демократски“ начин на обезбедување на мнозинство на пратеници, преку видео изјави на непознати локации и пред бели ѕидови“, истакна Мицевски.

На удар на опозицијата се најдоа и кандидатите за министри на ДУИ за чии професионали биографии  пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека  се сомнителни.

Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците во својата реплика во однос на Рамковниот договор го спомена Министерството за одбрана, при што посочи дека од 15 државни советници само еден е Албанец, од 16 раководители ниту еден не е Албанец, а од 77 одделенија има само еден Албанец. Според него, ова е голема дискриминација која нема никаква поврзаност со Рамковниот договор ниту со правичната застапеност.