За годинава утврдена квота од 10.000 работни дозволи за странци


Нашата земја ги гледа мигрантите не само како работна сила, туку како носители на знаење, искуство, културна размена и економски потенцијал. Регулираното вклучување на странски работници придонесува кон подигнување на продуктивноста, развојот на трудоинтензивни индустрии и стабилизирање на вработеноста, нагласил министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, на регионалната конференција за трудова миграција што се одржува во Будва, во организација на Меѓународната организација за миграции (IOM) и партнерските институции од регионот.

Од Министерството за економија и труд денеска соопштија дека Дурмиши имал обраќање на панел на кој со колегите од регионот се дискутирало за регионалните перспективи за миграцијата на работна сила во Западен Балкан

– За трудовата миграција да биде успешна, таа мора да биде придружена со социјални и интеграциски политики. Тоа значи заштита на работничките права, борба против дискриминација, почитување на културните разлики и обезбедување еднаков пристап до информации и институции, рекол министерот Дурмиши.

Додал дека во Северна Македонија согласно Законот за вработување и работа на странци, се обезбедува стабилен и јасен правен механизам, преку кој странските работници можат да се вклучат во економијата на нашата држава, секогаш во согласност со домашните потреби и стандарди. Законот, посочил Дурмиши, предвидува утврдување на годишна квота за работни дозволи, која не смее да надминува 5 проценти од вкупно вработеното население во земјата.

– За 2025 година, Владата на Република Северна утврди квота од 10.000 работни дозволи за странци. Оваа бројка е резултат на внимателна анализа на состојбата на пазарот на труд и изразените потреби од работна сила во различни сектори, кажал Дурмиши и потенцирал дека системот е прецизен, транспарентен и ја почитува домашната работна сила, истовремено отстапувајќи простор за пополнување на дефицитарните профили со квалификувани странски работници.

Според министерот заложбата на Владата е да се создаде амбиент каде секој што легално живее и работи во нашата земја ќе се чувствува безбедно, почитувано и поддржано.

– Трудовата миграција претставува можност за економски раст на секоја земја – но само доколку е управувана мудро, со почитување на човековите права, со визија за иднината и со подготвеност за соработка. Нашата цел е јасна – да изградиме општество во кое трудовата миграција ќе го поттикнува растот, ќе ги поврзува луѓето и ќе создава заедничка иднина на стабилност, развој и достоинство. Нашата земја останува отворена за соработка со земјите од Западен Балкан и пошироко. Веруваме дека преку заедничко планирање и усогласување на регулативите, можеме да овозможиме циркулација на вештини, поддршка на иновациите и намалување на сивата економија, заклучил министерот Дурмиши.